Поетите на ДПМ утре во Битола

На Меѓународниот славјански универзитет „Гаврило Романович Державин“ во Битола, поетскиот караван на ДПМ ќе настапи утре од 12 часот со 27 автори кои живеат и создаваат во Скопје, Прилеп, Велес, Куманово, Штип, Свети Николе, Крушево, Радовиш и градот домаќин.

Во големиот амфитеатар на Универзитетот ќе читаат поетите Стојан Тарапуза, Гордана Михаилова Бошнакоска, Раде Силјан, Веле Смилевски, Панде Манојлов, Ресул Шабани, Мирјана Стојановска, Јордан Ѓорчев, Кочо Топузоски, Христо Петрески, Трајче Кацаров, Весна Мундишевска, Борче Панов, Василе Димески, Никола Јовановски, Зоран Пејковски, Игор Крајчев, Милица Радевска, Елена Пренџова, Елизабета Јончиќ, Оливера Доцевска, Миле Јовановски Поречанец, Љерка Тот Наумова, Петре Димовски, Радован П. Цветковски, Билјана Т. Димко,  Паскал Гилевски и Кире Неделковски.

На отворањето на манифестацијата ќе зборуваат д-р Јордан Ѓорчев, од  името на Славјанскиот универзитет, и Веле Смилевски, претседател на ДПМ.

Годинашниот циклус од 17 поетски каравани Друштвото на писателите на Македонија го реализира во рамките на проектот за дисперзија на културните настани во Македонија. До сега поетите гостуваа во Свети Николе и Крива Паланка.

Покрај договорената соработка за оваа манифестација со библиотеките во Гевгелија, Куманово и Велес, со Домот на културата „Иван Мазов“ во Кавадарци, со литературните манифестации „Караманови средби“ во Радовиш и „Ганеви денови“ во Кожле, поетите ќе го продолжат караванот и во Струмица, Тетово, Штип, Лазарополе, Македонски Брод, Кичево, Демир Хисар, Крушево и Ресен. Поетскиот караван ќе заврши со традиционалната манифестација „Средба на генерации“ во рамките на Деновите на Блаже Конески кои секоја година се одржуваат од 17 до 19 декември, денот на раѓањето на големиот македонски поет, основоположник и прв претседател на македонската писателска асоцијација. Во поетскиот караван на ДПМ низ Македонија ќе земат учество 80 поети од сите генерации.