Магазин

„Поетски синтези“ со учество на домашни и странски автори

„Поетски синтези“ со учество на домашни и странски автори

На дводневниот фестивал „Поетски синтези“, што утре започнува во Битола, ќе настапат истакнати автори, членови на Друштвото на писателите на Македонија, меѓу кои: Елена Пренџова, Бобан Богатиновски, Мирјана Стојановска,  Зоран Пејковски, Весна Мундишевска, Никола Илијовски, Панде Манојлов, Кире Неделковски,  Милица Радевска, Билјана Т. Димко, Христо Петревски и Тоде Илиевски. Манифестацијата има меѓународен карактер, а во нејзиното ново издание учествуваат Олга Панкина (Русија),  Јожев Бенце (Унгарија) и Зоран Маслаковиќ (Србија).

На поетскиот митинг ќе биде доделена традиционалната награда „Поетска муза“  за естетизација на поетскиот дискурс, интертекстуалност и интерпретација. Во рамките на манифестацијата ќе биде промовиран зборникот  „Битолска поетска разгледница“ . За книгата, објавена на македонски и српски јазик, ќе говорат Мирјана Стојановска и Зоран Маслаковиќ.

Организатор на фестивалот „Поетски синтези“ е Здружението за наука и култура НОВА. Фестивалот се одржува во рамките на Битолско културно лето.