Поетскиот караван на ДПМ продолжува во општина Илинден

Поетскиот караван на Друштвото на писателите на Македонија продолжува во општината Илинден.

Во петок, во 19 часот, во Домот на културата во Илинден, пред љубителите на поетскиот збор, ќе настапат 25 истакнати автори, членови на македонската писателска асоцијација.

Во годинашниот циклус поетскиот караван на Друштвото на иисателите на Македонија гостуваше во Свети Николе, Крива Паланка, Битола, Штип. Тетово и на Фестивалот на детското литературно творештво „Ракатки“.

Покрај договорената соработка за оваа манифестација со библиотеките во Гевгелија, Куманово и Велес, со Домот на културата „Иван Мазов“ во Кавадарци, со литературните манифестации „Караманови средби“ во Радовиш и „Ганеви денови“ во Кожле, поетите ќе го продолжат караванот и во Струмица,  Лазарополе, Македонски Брод, Демир Хисар и Крушево. Поетскиот караван ќе заврши со традиционалната манифестација „Средба на генерации“ во рамките на Деновите на Блаже Конески кои секоја година се одржуваат од 17 до 19 декември, денот на раѓањето на големиот македонски поет, основоположник и прв претседател на македонската писателска асоцијација.

Циклусот од 17 поетски каравани за 2015 година, Друштвото на писателите на Македонија го реализира во рамките на проектот за дисперзија на културните настани во земјата. Во оваа манифестација ќе земат учество 80 поети од сите генерации.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.