Поетскиот караван на ДПМ утре во Крива Паланка

Во кино-салата на  Центарот за култура на Крива Паланка, со почеток во 19 часот, ќе настапат 20 истакнати  автори, членови на ДПМ, од повеќе генерации. Тоа се поетите Раде Силјан, Гордана Михаилова Бошнакоска, Данило Коцевски, Стојан Тарапуза, Елена Пренџова, Веле Смилевски, Трајче Кацаров, Сеида Бегановиќ, Димитар Пандев, Кочо Топузоски, Љерка Тот Наумова, Иван Чаповски, Јордан Ѓорчев, Оливера Доцевска, Братислав Ташковски, Борче Панов, Миле Јовановски Поречанец, Милош Линдро, Паскал Гилевски и Бобан Богатиновски.

На отворањето на манифестацијата ќе зборуваат Александар Рангелов, директор на Центарот за култура на Крива Паланка и Веле Смилевски, претседател на ДПМ.

Новиот циклус поетски каравани Друштвото на писателите на Македонија го започна минатиот месец во Свети Николе.

Во текот на оваа година, во рамките на проектот за дисперзија на културните настани во Македонија, ДПМ ќе реализира 17 поетски каравани. Покрај договорената соработка за оваа манифестација со библиотеките во Гевгелија, Куманово и Велес, со Домот на културата „Иван Мазов“ во Кавадарци, со литературните манифестации „Караманови средби“ во Радовиш и „Ганеви денови“ во Кожле, поетите ќе го продолжат караванот и во Струмица, Тетово, Битола, Штип, Лазарополе, Македонски Брод, Кичево, Демир Хисар, Крушево и Охрид.

Поетскиот караван ќе заврши со традиционалната манифестација „Средба на генерации“ во рамките на Деновите на Блаже Конески кои секоја година се одржуваат од 17 до 19 декември, денот на раѓањето на големиот македонски поет, основоположник и прв претседател на македонската писателска асоцијација. Во поетскиот караван на ДПМ низ Македонија ќе земат учество 80 поети од различни генерации.