Поетскиот караван на ДПМ во Штип во чест на Ацо Шопов

Пред љубителите на литературата во Центарот за култура „Ацо Шопов“  во Штип во 12 часот ќе настапат поетите: Михаил Ренџов, Гордана Михаилова Бошнакоска, Благој Самоников, Кристина Николовска, Ресул Шабани, Трајче Кацаров, Јулијана Величковска, Јордан Ѓорчев, Делвина Керлуку, Борче Панов, Александра Велинова, Санде Стојчевски, Раде Силјан, Кочо Топузоски, Христо Петрески, Славица Дабевска Кировска, Игор Крајчев, Стојан Тарапуза, Бранко Цветкоски, Блаже Китанов, Димитар Пандев, Веле Смилевски и Јовица Илиќ.

Средбата ќе ја води Александра Велинова, а стихови од Ацо Шопов ќе кажува Страшо Милошевски.

Пред поетскиот митинг делегација на ДПМ ќе положи свежо цвеќе пред бистата на поетот Ацо Шопов, а потоа учесниците ќе ја посетат Спомен собата на Ацо Шопов. Со ова поетите на ДПМ ќе ја одбележат 34-годишнината од физичкото заминување на Ацо Шопов, еден од иницијаторите за формирање на македонската писателска асоцијација и еден од нејзините претседатели.

Ацо Шопов е претставник на првата генерација повоени македонски поети. Неговата книга „Песни“ (1944) е прва стихозбирка објавена во слободна Македонија. Зад себе остави значаен опус во кој се и врвните поетски остварувања „Небиднина“, “Гледач во пепелта“ и „Дрво на ридот“.