Поезија од Раде Силјан објавена во Антологија на светската поезија

Творештвото на Силјан е објавено во Антологијата заедно со поетски дела на нобеловци и добитници на Златниот венец на Струшките вечери на поезијата.

Со седум песни и еден ракопис од повеќегодишното книжевно творештво, поетот, есеист и книжевен критичар Раде Силјан е застапен во Антологијата на светската поезија, која неодамна беше објавена во Романија, како издание на меѓународната академија „Михаи Еминеску“ од Крајова.

Во Антологијата се застапени педесет и двајца познати автори од светот, меѓу кои се тројца добитници на нобеловата награда, како и добитниците на Златниот венец на Струшките вечери на поезијата: Адонис, Томас Транстромер, Хусто Хорхе Падрон, Томас Шаламун и Љубомир Левчев. Изданието го приреди познатиот романски писател и литературен критичар Јон Деаконеску, во соработка со универ¬зи¬тетските професори Офелија Буртеа, Луциан Диндирица, Озана Лисандра и Лоредана Стан.

Антологијата ќе биде промовирана на 16 септември во Крајова, во рамките на меѓународниот поетски фестивал што го организира академијата „Михаи Еминеску“.

Раде Силјан е автор на четиринаесет стихозбирки, како и на поголем број критичко-есеистички дела и антологии на македонската поезија, драма и проза.

Добитник е на национални и меѓународни награди, меѓу кои „Браќа Миладиновци“,„Ацо Шопов“ , „Димитар Митрев“и „11 Октомври“ за животно дело. Годинава на меѓународниот поетски фестивал во Молдавија ја доби престижната награда „Гранд При“ за поетски опус.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.