Погба ќе пресече на крајот од актуелната сезона

Францускиот интернационалец од редовите на актуелниот шампион на Италија, тимот на Јувентус, Пол Погба, откри дека моментално е фокусиран на натпреварите од Серија А и од Лигата на Европа, а по завршувањето на актуелната сезона ќе даде одговор на сите прашања околу неговата иднина.

Младиот играч за врска веќе подолг временски период важи за најголема желба на раководните лица на Манчестер Сити, Челзи, Реал (М) и ПСЖ, но неговите услуги можат да бидат осигурани само со официјална понуда не помала од 50 мил. евра.

„Моментално, целосно сум фокусиран на домашното првенство и на Лигата на Европа. Фокусиран сум само на фудбалскиот терен, на топката. Знам дека Јувентус сака да ме задржи во Торино и тоа по секоја цена. Среќен сум поради таа информација. Прво да заврши актуелната сезона, а потоа ќе дискутираме на сите теми и на таа околу мојата иднина”, изјави Погба.