Поголем извоз на металната индустрија со поддршка од Инвест Маседониа

Повеќе македонски компании го претставија своето прозиводно портфолио и деловни плоанови пред економските промотери кои покриваат над 20 национални пазари дисперзирани во различни географски подрачја. Во рамки на четвртиот циклус директни средби што ги организира Инвест Маседониа се претставија  ТЕ-ТЕ Пласт, ФЗЦ 11 Октомври, ТЕП Раде Кончар, Завар, Братство и Свемек, објави МИА.

Во рамките на овој циклус средби се таргетираа извозни компании од металната индустрија, а целта на тимот од Инвест Маседониа е запознавање со производите и капацитетите на домашните извозници и обезбедување професионална помош во изнаоѓање странски купувачи и пристап до пазари во земјите кои што ги покриваат економските промотери.

Владимир Тевдов од ТЕ-ТЕ Пласт ја оцени средбата како позитивна и корисна на која заемно се разменети информации и дефинирани се заеднички полиња на дејствување.

Остануваме фокусирани на континуирана реализација на овој проект и ќе продолжиме да бидеме цврста поддршка на домашните извозници во борбата за позначителен надворешен пласман и квалитативна препознатливост на македонските производи. Зголемувањето на извозот на домашни производи на глобалниот пазар останува во врвот на владината економска политика, изјави Климент Шекеровски, заменик директор на Инвест Маседониа.

Според Шекеровски, Инвест Маседониа како високо професионален сервис за компаниите останува отворена за сите деловни субјекти кои би сакале да земат свое учество во овој проект, имајќи ја предвид важноста од потребата за сеопфатна поддршка и континуирана промоција на домашните производи на надворешни пазари во насока на нивен позначителен и олеснет пласман на нови пазари.