Поголема парламентарна контрола врз работата на УБК и на АР

Собраниските комисии за надзор над спроведувањето на посебната истражна мерка следење на комуникациите од страна на МВР, Управата за финансиска полиција, Царинската управа и МО и за надзор над работата на Управата за безбедност и контраразузнавање и на Агенцијата за разузнавање, претставува значаен механизам преку кој треба да се гарантира почитување на основните човекови права загарантирани со Уставот на Републиика Македонија и со Европската конвенција за заштита на човековите права, објави МИА.

Ова е еден од заклучоците донесен на денешната заедничка седница на собраниските  комисии за надзор над спроведувањето на посебната истражна мерка следење на комуникациите од страна на МВР, Управата за финансиска полиција, Царинската управа и МО и за надзор над работата на Управата за безбедност и контраразузнавање и на Агенцијата за разузнавање, на чиј дневен ред беше листата на итни реформски приоритети за РМ од Европската комисија и препораките од групата високи експерти за системските прашања за владеење на правото кои се однесуваат на следењето на комуникациите објавени пролетта 2015 година.

Членовите на комисиите и присутните експерти по тричасовната дискусија заклучија дека е неоходна редовна и непречена комуникација со УБК и АР и во таа насока се повикуваат директорите задолжително да присуствуваат на седниците, особено кога се разгледуваат годишните извештаи за нивната работа и планот за работа за наредната година. Се потенцира дека од особено значење е сите надлежни иниституции да преземат активности за да се постигне целосна имплементација на препораките и приоритетите утврдени во извештајот на Прибе, за владеењето на правото кои се однесуваат на следење на комуникациите објавени во пролетта 2015 година, како и насоките дадени во листата на итни реформски приоритети.

На седницата меѓу другото беше укажано на потребата за изнаоѓање соодветен модел за идно ангажирање технички експерти, како и да се организираат јавни расправи со учество на експертска и стручна јавност.

Пратеникот Павле Саздов од ВМРО – ДПМНЕ, кој, како што рече, лично изразува резерва кон сите наоди во извештајот на Прибе бидејќи, појасни, не е возможно за седум дена да направите реална проценка на политичката и безбедносната ситуација во државата и на тоа што е фактичка состојба и притоа да дадете извештај за надминување на таквата состојба.

Потребна е реформа на безбедносните служби во РМ, особено во делот на кадровското екипирање односно селекција на вработените во овие служби, но и да се направи системска промена со цел за подобра контрола на самите системи за следење на комуникацијата, рече Саздов. Тој потсети дека еден вработен од УБК веќе признал дека ја злоупотребил својата службена должност и овластување и оти илегално, подвлече, прислушкувал високи владини функционери, медиуми и други лица. Саздов смета дека релоцирање на опремата за следење на комуникациите од УБК ќе значи нејзиното оневозможување да врши дел од нејзините законски надлежности во поглед на зачувување на  колективната безбедност на државата, но треба да се издвои кривичното гонење.

Не постои досега ниту еден материјален доказ дека раководството на Управата или Владата или кој било поединец од владеачкото мнозинство издал наредба да се следат овие лица коишто опозицијата ги објавува како снимени разговори, изјави меѓу другото Саздов, на седницата на која беа присутни и претставници од операторите „Оне“, „Вип“ и „Телеком“. Осврнувајќи се на полициските „Дувло“ и на „Големото уво“, Саздов истакна дека истите актери, како што рече, кои на Бранко Црвенковски тогаш му ги дале материјалите, сега му ги предале и на Зоран Заев. Потенцирајќи дека најголем корисник и бенефит од илегално прислушуваните разговори имала опозицијата, изрази загриженост, како што рече, за опфатот на материјалите од прислушуваните разговори.

Претседателот на Комисијата за надзор над спроведувањето на посебната истражна мерка следење на комуникациите Горан Мисовски, изрази жалење за неприсуството на министерот за внатрешни работи Митко Чавков на денешната седница, иако присутни беа претставници од МВР. Според Мисовски, експертскиот извештај на Прибе укажува на целосен распад на, како што рече, македонскиот систем.

Претседателот на Комисијата за надзор над работата на УБК и на АР Хари Локвенец посочи дека од исклучителна важност е прашањето како да профункционира Парламентарната демократија и надзорот во оваа област и побара итно зајакнување на техничкиот аспект.

Пратеникот од ДПА, Ернад Фејзулаку меѓу останатото истакна дека е потребна огромна волја за да се надминат сомнежите за тоа дали собраниските комисиии можат да вршат контрола над работата на УБК и АР.

Народниот правобранител Иџет Мемети оцени дека најголем проблем е лошото спроведување на законските прописи со кои се регулираат овие прашања. Тој ги охрабри властите да продолжат со зацртаните мерки во насока на надградба на постоечкиот систем и побара вклучување на јавноста.