Поголема заштита за лицата кои користеле инвалидска пензија, а сега се работоспособни

На денешната седница, пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Сашо Аќимовски постави пратеничко прашање до Министерството за труд и социјална политика, а се однесуваше на категорија на лица кои добиле дозвола од комисијата за инвалидска пензија.

Аќимовски посочи дека на терен се соочил со проблем на овие лица кои после 6 месеци биле на контрола кај истата комисија и им било одземено правото за користење на инвалидска пензија. Истите овие лица кога ќе пробаат да се вратат на своите работни места кои ги извршувале се враќани со образложение дека не е можно нивно повторно вработување.

Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов го извести пратеникот Аќимовски дека токму пред една недела бил разгледуван овој проблем на што биле понудени неколку предлог решенија кои што би требало да бидат приклучени на измените и дополнувањата на Законот за пензиско и инвалидско осигурување како и ново кадровско зајакнување на Комисијата за задолжителен контролен преглед и прашањето за враќање на лицата на своите работни места доколку комисијата оцени дека овие лица се работноспособни.