Погребот на самците кои се социјални случаи ќе го плаќа Градот

Сите приматели на социјална помош што немаат брачен другар или друг вид наследници трошоците за извршување погреб ќе паднат на товар на општините, односно Градот. Според оваа одлука на градскиот совет, сите општини во градот што во своја надлежност имаат гробишта, кои не спаѓаат под АД „Бутел“, отсега ќе треба да одвојуваат средства со кои на лицата од посочените категории ќе им се обезбеди достоен погреб.

Според одлуката, за лицата што пак ќе треба да бидат погребани во гробиштата што спаѓаат под АД „Бутел“, односно во Бутел, Камник и во Ѓорче Петров, трошокот за погреб ќе биде обезбеден од буџетот на градот.

Висината на сумата што општините и градските власти ќе ја издвојуваат за закопот на оваа категорија граѓани изнесува 28.874 денари, од кои 11.824 денари за гробно место со бетонски фундамент и 17.050 денари за погребна опрема и за погребни услуги.