Погребот на социјалните случаи без наследници ќе го плаќа Градот

Околу 30.000 денари ќе плаќаат градските власти за погребални услуги за корисниците на постојана парична помош без блиски сродници и на лица на кои не може да им се утврди идентитетот и последното живеалиште. Според  ценовникот на АД „Бутел“ за гробно место со бетонски фундамент  се плаќа  11.824 денари и 17.050 денари за погребална опрема.

Се работи за строго определена категорија на граѓани, чија бројка не е поголема од 10 до 15 случаи во текот на една година, велат од Градот. Овие поволности не важат за останатите категории лица што примаат социјална помош, а имаат сопружник или друг вид наследници кои се должни да го спроведат погребот.
„Во согласност со Законот за гробишта и погребални услуги, каде што се регулира категорија на граѓани приматели на социјална помош кои по нивната смрт немаат брачен другар или друг вид на наследници, трошоците за извршување на погреб, за кој е задолжен управителот паѓаат на товар на општините, општините во Градот Скопје, односно Градот Скопје“, се вели во образложението на одлуката на Град Скопје.

Од Градот потврдуваат дека ваков надоместок се утврдува првпат, па од тие причини не може да се спореди со претходните цени.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.