Погребувањето на терористите со државни почести на Косово не наиде на осуда од Брисел

Европската комисија денеска одби да го осуди потегот на Косово, држава која има аспирации да стане земја членка на Европската унија и веќе има потпишано Договор за стабилизација и асоцијација со Унијата, за погребот со државни почести на терористите што учествуваа во терористичкиот напад на Куманово пред три недели, јави МИА.

Портпаролката на Еврокомисијата, Маја Коцијанчич одби директно да одговори на прашањето дали ЕУ ќе продолжи да молчи за тоа што терористот Бег Ризај беше закопан викендов во Алејата на славните на Косово со државни почести и присуство на припадници на косовската власт, иако тој е дел од Албанската национална армија (АНА) која е на „црната листа“ на ЕУ и на САД како терористичка организација.

– Ние не остануваме тивки за оваа ситуација и ја знаете нашата позиција во однос на настаните во Куманово, која беше многу јасна уште кога тие се случија, истакна Коцијанчич.

Повикувањето на Коцијанчич на првичниот став на Европската комисија за терористичкиот напад во Куманово е зачудувачки, ако се знае дека Брисел за истиот овој настан во кој беа убиени осум македонски полицајци, порача дека „жали за загинатите и повикува овој настан да не го одвлекува вниманието од политичката криза во Македонија“.

Претходно, Еврокомисијата исто така одби да ја ослови терористичката група што ја нападна Македонија како таква, ниту да образложи како браќата Куаши што ги убија новинарите на магазинот „Шарли Ебдо“ во Париз од првиот ден беа прогласени за терористи, а најопасната терористичка група на Балканот што ја нападна Македонија е само „вооружена група“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.