Појадок на мост на 14 септември

Петтата традиционална манифестација „Појадок на мост”, под покровителство на Град Скопје, во организација на Секторот за локален економски развој, во соработка со Средното угостителско училиште на Град Скопје „Лазар Танев“, годинава ќе се одржи на 14 септември (недела) на Камениот мост и Мостот око во Скопје.

„Градот Скопје со организирањето на оваа манифестација, има за цел да го збогати културно-забавниот живот во градот и да ги обедини и зближи сите граѓани на Скопје и заедно да уживаат во уште еден несекојдневен заеднички појадок на Камениот мост и Мостот око,“ изјави градоначалникот Коце Трајановски.

Тој апелираше до сите заинтересирани граѓани да си подигнат влезници за настанот „Појадок на мост” и тоа од 6-ти до 11-ти септември на пунктот којшто ќе биде поставен на Плоштад Македонија, во близина на градската кафеана „Пелистер“.

„Оваа манифестација нема за цел да ги најаде посетителите, туку на еден симболичен начин, во ова современо време кога се помалку имаме можност да се дружиме, да ги зближи и да им овозможи барем неколку часа да се дружат, да разговараат едни со други и да си разменат мислења,“ додаде Трајановски.

Манифестацијата се одржува петта година по ред и е се поприфатена од граѓаните, и секоја година има голем број посетители и консументи, кои заеднички појадуваат, се дружат, но и имаат можност да го почувствуваат гостопримството на овој град.

Директорот на СУГС „Лазар Танев“, Зоран Николовски, ги посочи деталите околу организацијата и реализацијата на претстојниот настан и рече дека ќе бидат поделени 2 700 влезници и дополнителни 200 за странски туристи во нашата земја, коишто ќе им бидат понудени на тур-операторите во Скопје.

„ Елиминирани се сите можности за нехигиенско приготвување на храната и овие пакети ќе бидат приготвени според сите светски и европски стандарди за подготовка на храна. Ланч-пакетите ќе содржат 14 до 15 различни продукти, што ќе бидат наменети за сите граѓани од сите националности и вери коишто живеат овде. Благодарение на нашите донатори коишто секако доаѓаат од угостителскиот сектор, секоја година имаме се поголем избор на продукти кои влегуваат во нашата понуда,“ изјави директорот Николовски.

За реализација на настанот „Појадок на мост”, оваа година во Буџетот на Град Скопје за 2014 година издвоени се средства во износ од 600.000,00 денари. И годинава се очекува поддршка од голем број донатори кои ќе земат учество со свој придонес -донација на производи, со што ќе помогнат во реализација на настанот.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.