Појадок за Денот на Европа во организација на СЕЕП-ЕУ

Секретаријатот за европски прашања и годинава беше домаќин на традициоланиот ЕУ појадок, организиран по повод 9 мај – Денот на Европа.

 

„Денот на Европа 9 мај е празник на мирот и единството и тоа е она што го славиме мирот и единството. Празникот коинцидира со Денот на победата над фашизмот со крајот на втората светска војна во Европа , но ова не само што коинцидира со крајот на една опасна војна која го уништи целиот континент, туку коинцидира со почетокот на еден мировен проект кој ќе го подигне континентот во мир. Деветти мај е ден на историскиот говор на францускиот министер за надворешни работи Роберт Шуман на деветти мај во Париз 1950-та година. Во говорот ја пренесе својата визија за подобар свет преку политичка соработка и за подобра Европа со соработка меѓу различните нации, визија за Европа каква што ја знаеме денеска“, рече дипломатскиот претставник на ЕУ во земјава, Самуел Жбогар.

 

Според вицепремиерот за евроинтеграции Арбер Адеми, пак, потребно е што поскоро да се избере „реформски ориентирана влада“ која веднаш треба да се соочи со многуте предизвици за кои се потребни „институционални капацитети за реформскиот процес“.

 

„Накусо, новата влада треба да ја врати довербата во институциите, тоа не е лесно но е остварливо и е важно вратата на ЕУ да остане отворена. Македонија заедно со земјите од регионот ѝ припаѓа на Европската унија и сите треба да работиме заедно кон оваа цел. Без оглед на тежината на предизвиците со кои се соочуваме за Македонија, европските интеграциите се клучен стратешки приоритет без алтернатива“, рече Адеми.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.