И покрај бегалската криза, Македонците бираат одмор во Грција

Што се однесува за туристите од Македонија, Грците и оваа година не треба да се загрижуваат за посетеноста.

Од агенциите велат дека заинтересираноста за велигденските патувања и летни аранжмани е зголемена во однос на минатата година. Туристичките агенции најмногу нудат патувања во Грција и додават дека најголема посетеност ќе има на Крф, Закинтос, Лефкада, Иос.

-Туристите немаат никаква реакција во однос на моменталната ситуација со бегалците во Грција, за разлика од Турција, за каде туристите се плашат, велат од агенциите и додаваат дека поради тие причини драстично е намалена заинтересираноста за посета оваа година.

Наскоро започнува летната туристичка сезона, а во изминатите два месеци годинава, повеќе од 120.000 бегалци притигнаа на грчките острови. Меѓутоа, туристичките агенции сметаат дека нема причини за загриженост и дека моменталната ситуација нема значително да влијае врз туризмот во земјата.

Оттаму додаваат дека во моментов Грција е најпродаваната дестинација, со оглед на тоа дека за неа оваа година се одлучиле и туристи кои изминатите години летувале во Турција и Египет.