Покрај Делчево-Голак, реконструкција и на патот Кочани-Делчево

Рехабилитацијата на регионалниот пат Делчево – Голак во должина од 10,5 километри и ширoчина од 4,5 метри,  во вредност од околу 1,3 милион евра, ќе биде завршена најдоцна за 12 месеци, најави министерот за транспорт и врски Владо Мисјаловски кој заедно со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски денеска извршија увид во градежните работи на оваа делница.

Се очекува, како што посочи Мисајловски, патот да биде готов за 12 месеци, но најверојатно и многу порано, во почетокот на август.

Груевски најави дека на овој дел е планирано МЕПСО да инвестира во подобрување на условите за скијачки центар, а најверојатно, како што рече, првата инвестиција ќе биде во Берово оваа и следната година, а потоа во Голак кога и се очекува веќе да биде завршен овој регионален пат.

Кога ќе се направи патот, ќе има интерес и за скијачкиот центар. На МЕПСО веќе им се дадени инструкции од Владата да направат проект, но прво ќе инвестираат околу 3 милиони евра во Берово, а потоа околу 3 до 3,5 милиони евра во скијачкиот центар Голак, изјави Груевски, додавајќи оти овој пат ќе има и туристичко значење.

Паралелно е распишан и тендерот за Кочани – Делчево, 30 километри пат, инвестиција од 6 милиони евра.

Договорот е веќе потпишан со домашна компанија. Работите треба да почнат следниот месец и да траат 24 месеци.

Биле предвидени 10 милиони евра, но имало многу пријавени компании и тендерот бил 6 милиони евра. Остатокот, заштедата од 4 милиони евра ќе биде искористен за нешто друго,  информираше Мисајловски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.