Македонија,Политика

Покрај Иванов, уште една кандидатура на адресата на ВМРО ДПМНЕ

Божидар Ночев им се придружи на актуелниот претседател Ѓорге Иванов и на професорот Јове Кекеновски во трката за кандидат за претседател на ВМРО ДПМНЕ.

Генералниот секретар, Емил Димитриев вели дека покрај кандидатурата на Иванов до нив денеска е доставена и кандидатурата на Ночев, магистер на науки.

„Со ова досега се поднесени вкупно три кандидатури, земајќи ја во предвид и кандидатурата на г. Јове Кекеновски која што беше претходно објавена. Крајниот рок за доставување на кандидатурите до Конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ за избор на Претседател на Република Македонија истекува во среда заклучно со 20 часот. На Конвенцијата која ќе се одржи на 1 март, 1300 делегати на ВМРО-ДПМНЕ ќе избираат кандидат за Претседател на Република Македонија во демократска атмосфера во согласност со процедурата предвидена во предложениот Деловник за работа на Конвенцијата“, рече Димитриев.

Претседателот Иванов денеска попладне во обраќање до јавноста објави дека ја прифаќа инцијативата за кандидирање за втор мандат за шеф на државата.