Поладно време од недела

Значителна промена на време со зголемена облачност, локален дожд и умерен до засилен западен ветер над 60 километри на час кој во вечерните часови ќе го промени правецот во северен и ќе предизвика осетно опаѓање на температурата се очекува во недела, соопшти Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).

Заладувањето ќе биде поизразено во северните делови од земјата, а во останатите подрачја ќе се почувствува од понеделник, кога ќе преовладува променливо облачно и посвежо време со сончеви периоди.

Дневната температура ќе биде пониска за околу шест до седум степени во однос на денешната и ќе се движи од 24 до 30 степени, а слични температури се очекуваат и во текот на целата недела.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.