Полетилиште за параглајдери ќе биде отворено во Крушево

Проектот на УСАИД за експанзија на мали бизниси, во соработка со Општина Крушево, Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Воздухопловната федерација на Република Македонија и искусни параглајдеристи од земјата, свечено ќе го отвори параглајдерското полетилиште “Мечкин Камен – Исток” утре, 23 јули 2014

Полетилиштето се наоѓа во близина на локалитетот Мечкин Камен.

Златко Спиркоски, инструктор по параглајдинг, ќе ја претстави новопоставената опрема на полетилиштето и ќе ја демонстрира употребата на истата.

Проектот на УСАИД за експанзија на мали бизниси оваа година ќе опреми четири полетилишта и слетишта за параглајдинг во Македонија. Параглајдингот е популарен кај странските спортисти и кај туристите, кои ги користат услугите на локалните клубови за параглајдинг, преноќуваат и трошат пари во земјата, со што придонесуваат за зголемено слевање на средства во локалните економии. Новата опрема ќе ги направи овие терени попривлечни за странските и домашните посетители.

Проектот на УСАИД за експанзија на мали бизниси е четиригодишен проект кој како главна цел има создавање на нови работни места и поттикнување на економскиот развој на локално ниво. Проектот соработува со приватниот и јавниот сектор за спроведување на иницијативи кои им помагаат на микро, малите и средните претпријатија да остварат раст.