Полицаец е фатен при примање поткуп од возач за сторен сообраќаен прекршок на 19-ти овој месец, по што му е изречен 30 дневен притвор, соопшти денеска Јавното обвинителство на Република Македонија.

поткуп

Според обвинителството, полицаецот ноќта меѓу 15 и 16 октомври годинава вршел рутинска контрола на преглед на возила во Скопје, при што го сопрел возилото на оштетеното лице и му констатирал три сообраќајни прекршока. Полицаецот го известил возачот дека за сторените прекршоци му следи казна во висина од 1.000 евра, но  доколку му даде 3.000 денари, нема да му биде напишана казната. Возачот изјавил дека во моментот нема пари, но е согласен да му даде поткуп на полицаецот. Се договориле паричните средства оштетениот да ги остави во една од блиските продавници, каде ќе каже дека тие се за полицаецот. При тоа, службеното лице му зело генералии на возачот и телефонски број на кој во следните денови неколку пати го контактирал.

Оштетениот, како што информира обвинителството, го пријавил службеното лице и во организирана акција, на 19-ти месецов осомничениот е фатен на лице место како го зема поткупот.

Поради постоење оперативни сознанија, извршен е претрес на приватното возило на осомничениот каде се најдени податоци за стотина граѓани, адреси и контакт телефони. Најдените докази, наведува ЈОРМ, укажуваат дека осомничениот на ист начин ги обработувал и преземал коруптивни дејствија кон поголем број на граѓани.

– Со оглед дека постои основано сомнение за сторени кривични дела кон поголем број лица, надлежен јавен обвинител до судија на претходна постапка од Основниот суд Скопје 1 Скопје предложи изрекување на мерка – Притвор за осомниченото лице, кој предлог со Решение на судот е потврден со изречена мерка од триесет дневен притвор, се вели во соопштението и се додава дека Основното јавно обвинителство – Скопје во насока на расветлување на предметот, ќе презема дејствија за проверка на сите податоци најдени кај осомничениот со цел утврдување на фактичката состојба во предметот.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.