Полицаец пукал на венчавка и ранил 10-годишно девојче на роденденска забава кај Нови Сад

Во новосадската населба Алибеговац заталкан куршум рани десетгодишно девојченце кое било на роденденска забава во двор на игротека, а куршумот го испукал полицаец кој се женел, пренесуваат во неделата српските медиуми.

Девојчето било во стабилна состојба, а оперативно ѝ била санирана повредата, соопштиле за агенцијата Танјуг во Детската болница во Нови Сад.

Електронското издание на дневниот весник Блиц пишува дека 29-годишниот полицаец го истрелал куршумот на излегување од семејната куќа во Сремска Каменица, а заталканиот куршум го погодил девојчето на соседниот брег во населбата Алибеговац,

„Со брза реакција на полицијата идентификуван е сторителот и освен процедурата која е предвидена за ова кривично дело, полицискиот службеник Г.К. ќе биде отстранет од Министерството за внатрешни работи до завршување на дисциплинската постапка. Сакаме решително да порачаме дека брзо и енергично ќе ги казниме сите оние коишто сметаат дека полициската значка може да ги аболира во сторувањето на кривични дела и насилно однесува кон граѓаните на Србија“, изјавил директорот на српската полиција Владимир Ребиќ.

Според Блиц, дваесетина деца си играле во дворот на игротеката кога се слушнало како нешто паѓа низ крошните на дрвјата и го погодило несреќното девојченце.

„На девојчето почна да ѝ шика крв на сите страни. Брзо го запревме крвавењето и ја однесовме во Детската болница. Тамо ја исчистија и зашија раната, но по доаѓањето дома на девојчето не му беше добро, бидејќи болката и отекувањето околу раната стануваа сѐ поголеми. Родителите ја вратија во болницата и дури тогаш по снимањето беше утврдено дека куршумот ѝ е во раката“, изјавила сведок на овој бизарен инцидент во близина на Нови Сад.

Од новосадската Детска болница изјавиле дека девојчето се чувствува добро, како и дека е под постојан надзор на лекарите на одделот за хирургија.