Полицаец пукал од службен пиштол во Струмица, двајца малолетници ранети

Во петокот околу 12,40 часот по претходна пријава за обид за кражба во близина на браната Мантово, полциски службеници од СВР Струмица се обиделе да го запрат возилото „опел фронтера“ со словенечки регистарски таблички управувано од 17-годишно момче, пишува Курир, мк повикувајќи се на полцииски извори во врска со инцидентот.

Во возилото, според неофицијални извори, биле и четири малолетни момчиња. Според она што неофицијално се дознава, малолетниот возач ја игнорирал наредбата на полициските службеници и наместо да го запре возилото ја зголемил брзината и побегнал по локалениот земјен пат во правец на градската капела во Струмица.

Спорен изворите од истрагата, по него се упатиле две полициски возила и малолетникот бил принуден да го запре возилото на излезот од Струмица.

Тогаш полициски службеник се упатил кон возилото и, според неговото кажување, кога се приближил до возилото бил нападнат од возачот, по што испукал еден куршум од службеното оружје.

Од куршумот биле повредени малолетниот 17-годишен возач и уште едно 16-годишно момче, кои веднаш биле пренесени во Медицински центар Струмица, каде од страна на лекар се констатирани повреди од огнено оружје.

Поради тежината на повредите, 17-годишното момче, според првичните сознанија рането во градниот кош, е пренесен во Клинички центар во Скопје. Другото момче, наводно има прострелна рана во ногата.

На местото на инцидентот излегол Јавен обвинител, а во расчистувањето на случајот е вклучена и Внатрешната контрола на МВР која ја испитува постапката на полициските службеници.

Се преземаат потребните мерки за целосно расчистување на случајот. На лице место се и повеќе тимови од Одделот за криминалистичко технички испитувања и вештачења од Скопје.