Полицаец застрелал возач кој сакал да го прегази

Камион усмртил 17 овци на стариот пат Штип – Велес
Камион усмртил 17 овци на стариот пат Штип – Велес

Полицаец во самоодбрана го извршил убиството кое се случи вчера во близина на објектот на Стопанска банка во Свети Николе.

Жртвата е триесетгодишен маж. Полицаецот со службеното оружје пукал во возачот во самоодбрана бидејќи сегапочинатиот сакал да го прегази со автомобилот.

Истрага на Јавното обвинителство

Основното јавно обвинителство-Штип во врска со убиството во Свети Николе, соопшти дека го истражува настанот во кој по напад на овластено службено лице беше употребено службено оружје.

Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Штип, се наведува во соопштението, ги презема потребните дејствија за да ги расветли причините за употребата на огнено оружје од страна на полицаецот од Полициската станица Свети Николе, кој вечерта при вршење на службени дејствија со пиштол лиши од живот едно лице.

Според првичните сознанија, стои во соопштението од ЈО, полицаецот при вршење на службени дејствија, забележал возило „Лада“ кое се движело со голема брзина и велосипед кој се движел пред него. Возачот на „Ладата“, видно лут од велосипедистот поради тоа што тој се движел пред него и му пречел во движењето, го запрел возилото и започнал вербална и физичка расправија. Полицаецот пристапил, ги одвоил лицата и започнал со легитимирање на возачот на патничкото возило, кој пак давал отпор и започнал со тегнење и туркање да се спротиставува на службеното лице. Потоа, се појаснува во соопштението од ЈО, возачот седнал во возилото и започнал да го движи по патот држејќи го полицаецот за рака, влечејќи го десетина метри по патот, при што од брзината на движење полицаецот паднал на патот.

Возачот на „Ладата“, триесетгодишен жител на Свети Николе,  потоа во два наврата, движејќи се по патот  и вртејќи полукруг се враќал кон полицаецот обидувајќи се да го прегази. Во неговиот втор обид бил спречен од страна на полицаецот кој во полуседечка положба употребил огнено оружје и притоа му нанел огнострелна рана, од која лицето починало.

Надлежен обвинител продолжува со истражните дејствија со цел да се утврдат фактите и доказите во предметот, се вели во соопштението.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.