Полицијата фати 122 пијани возачи низ Скопје

Скопската полиција за време на изминатиот викенд спроведе зајакната контрола при што од страна на сообраќајната полиција санкционирани се 559 учесници во сообраќајот за сторени прекршоци од Законот за безбедност на сообраќајот. Притоа кај 122 возачи е утврдено дека управувале возила под дејство на алкохол.

Полицијата регистрирала 42 лица кои управувале возила со измината важност на сообраќајната дозвола, без возачка дозвола управувале 18 возачи,а кај 16 лица е утврден сообраќаен прекршок за поминување на црвено светло.

Во рамки на спроведената контрола техничка неисправност е утврдена кај четири возила, 43 возачи  управувале возила со над дозволената брзина, а од нив 18 возачи  управувале возило со над 90 км на час во населено место.

Според информациите од МВР, изречени се 10 прекршоци за некористење на сигурносен појас, 13 прекршоци за зборување на мобилен телефон, за непрописно престројување пред крстосница изречен е еден прекршок, за непрописно престигнување – четири прекршоци, потоа 25 прекршоци за паркирање во зона на крстосница, автобуска постојка и пешачки премин. Покрај ова изречени се 160  прекршоци за неправилно и непрописно паркирање, додека со пајак возило подигнати се 128 возила.

За време на викендот извршена е и контрола на подрачјето на  Битола беше реализирана акциска сообраќајна контрола (Прилеп, Битола и Ресен) при што беа контролирани 177 возила а 125 возачи беа алкотестирани.

Во текот на акцијата по основ на сторени прекршоци од Законот за безбедност на сообраќајот утврдено е дека 20 возачи управувале под дејство на алкохол, евидентирани се 16 возила кои нерегистрирани учествувале во сообраќајот, девет лица управувале возила без возачки дозволи. Покрај ова едно возило било технички неисправно, а изречени се санкции и за неправилна употреба на светла, неносење возачка дозвола, за возач почетник, како и за овозможување да управува со возило лице кое нема возачка дозвола.