Полицијата фати двајца разбојници од Скопје

СВР Скопје во два одвоени случаи поднесе кривична пријава против Л.А. (34) и С.Е. (25) од Скопје, кои се товарат за „разбојништво“.

На Л.А. му е одредена мерка притвор во траење од 30 дена а на С.Е. мерка притвор во траење од осум дена.

Во првиот случај Л.А. кривичните дела ги извршил во временскиот период од 06 до 14 овој месец, во вечерните часови и тоа едно на подрачје на  Центар и две на подрачје на Карпош при што се стекнал со противправна имотна корист во висина од околу 31.450 денари. Првото и второто кривично дело разбојништво ги извршил  во аптеките „Еурофарм -Хипократ“ на ул.„50 Дивизија“ и „Зегин“ на ул.„Теодосиј Гологанов“, на тој начин што влегол во аптеките со нож во раката и заканувајќи им се на  вработените по нивните живот им ги земал парите од касите.

Третото кривично дело го извршил  во аптека  „Макфарм“ на ул.„Веселин Маслеша“ каде влегол маскиран со темна плетена капа со отвори за очите и нож во раката, на  вработената и се заканил неколку пати по што истата му дала дел од дневниот промет, додека другиот дел  сам ги земал од касата и заминал во непознат правец.

Од страна на полицијата се  обезбедени видео записи од надворешните безбедносни камери од околните објекти. Извршен е претрес на домот на пријавениот Л.А., при што се пронајдени и одземени дел од гардероба, еден нож на расклопување, црн кожен паричник, лична карта и возачка дозвола на друго име за кои ќе бидат извршени дополнителни проверки. Во службените простории на Отсекот за имотни деликти  извршено е препознавање на одземените предмети од страна на оштетените при што истите со сигурност  препознале дел од нив (одземени при претресот) како и дуксерот и патиките кои ги носел сторителот за време на извршувањето на кривичното дело. Покрај ова бил извршен и службен разговор со пријавениот во кој ги појаснил начинот, местото и времето на извршувањето на кривичните дела. Инаку против Л.А. досега се поднесени пет кривични пријави и тоа четири за кривични дела од областа на имотните деликти за сторени кривични дела „тешка кражба“ и „кражба“   и една кривична пријава за сторено кривично дело „Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“.

Во вториот случај пријавениот С.Е. кривичното дело “разбојништво“ го извршил на 18 -ти овој месец околу 21.30 часот на улица ,,Индира Ганди“  на подрачје на Чаир , на тој начин што додека оштетениот заедно со својот другар се движеле низ парк  пријавениот поминал пред нив, а потоа им пришол од зад грб и без ништо да им прозбори го удрил со бокс во тилот оштетениот кој од јачината на ударот паднал на земја, а С.Е. од неговиот заден  десен џеп му одзел  еден таблет и заминал со трчање, со што се здобил со противправна имотна корист од околу 4.500 денари.

Неколку дена подоцна во просториите на полициската станица Бит Пазар извршено е препознавање на лица при што оштетениот со сигурнoст го препознал пријавениот како сторител на кривичното дело. Исто така  обавен е службен разговор со С.Е. во кој истиот го појасни начинот на кој го извршил кривичното дело.  Од него со потврда за привремено одземени предмети одземен е еден таблет и истиот е вратен  на оштетениот. Во периодот од 2010 до 2014 против С.Е. се поднесени 22 кривични пријави од кои 21 се од областа на имотните деликти за сторени кривични дела „кражби“ и „тешки кражби во обид“како и една кривична пријава за сторено кривично дело „напад врз службено лице ври вршење работи на безбедноста“.