Полицијата го гони бившиот градоначалник на Чешиново-Облешево оти платил снимање со дрон

Кочанската полиција поднела кривична пријава против поранешниот градоначалник на оптшината Чешиново-Облешево, според која го сомничи дека извршил злоупотреба во службата.

Според информацијата на МВР, триесет и деветгодишниот К.Л. од селото Облешево, додека бил на функцијата градоначалник договорил приватна фирма да снима со дрон прослава на општината, а тоа го направил без да распише јавна набавка. Со тоа, според кочанските полицајци, осомничениот го оштетил оптинскиот буџет за сума од 87.084 денари.

Полициската станица Кочани поднесе кривична пријава против К.Л.(39) од село Облешево, Чешиново- Облешево, поради постоење на основано сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“. Во 2014 година, пријавениот во својство на градоначалник на посочената општина искористувајќи ја својата службена положба ги пречекорил границите на своите овластувања постапувајќи спротивно на Законот за јавни набавки,  на тој начин што без да спроведе јавна набавка го избрал правен субјект од Скопје да изврши воздушно снимање со дрон за време на тридневните активности за одбележување на празникот на општината „Мала Богородица“. На 10 декември, 2014 година, пријавениот на правното лице му исплатил фактура, со што го оштетил буџетот на општината за износ од 87.084  денари, се вели во информацијата на МВР.