Полицијата изврши упад во Арачиново, заплeнети над 100 килограми дрога

Полициски службеници на СВР Скопје во координација со Одделот за криминалистичка полиција при МВР, при претрес на два објекта во скопско Арачиново, а врз основа на претходно издадена судска наредба, вчера откриле и заплениле околу 120 килограми опојна дрога марихуана, 100 грама хероин, како и 100 грама кокаин. Во полициксата акција биле приведени две лица.
По добиени оперативни сознанија за извршено кривично „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори“ беше издадена судска наредба за претрес во дом и други простории на 32-годишниот Р.Б. и 56-годишниот Е.Б. од Арачиново.
Притоа, покрај посочените количини на дроги – марихуана, хероин и кокаин, спакувани во јутани вреќи, најлонски кеси како и во поголем број помали политеиленски паковки, беа откриени и дигитални ваги, ролни прозирна леплива фолија и други предмети поврзани со кривичното дело.
Како што претходно информираа од Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје, претресот е извршен по претходно добиени оперативни сознанија и  врз основа на издадена наредба за претрес. Спроведен е во координација на ОЈО Скопје со Единицата за недозволена трговија и Секторот за недозволена трговија со дрога, оружје и опасни материи при СВР Скопје поради сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори“.

По наредба на надлежен јавен обвинител, пронајдените материи се предадени на вештачење на Одделот за криминалистичко технички испитувања и вештачења при МВР.​

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.