Полицијата нареди да запрат протестите во Фергусон

Полицијата во предградието на Сент Луис, Фергусон им нареди на демонстрантите, кои веќе втора ноќ се собраа за да протестираат против одлуката да не се изведува на суд полицаецот, кој застрела 18-годишен тинеџер, да ги прекинат протестите.

Демонстрантите се собраа пред зградата на полициската станица. Овој протест беше мирен за разлика од протестот кој премина во насилство, откако во понеделникот беше објавено дека полицаецот кој го застрела 18-годишниот Афроамериканец Мајкл Браун нема да биде изведен на суд.

И покрај тоа што протестот беше мирен, малку по полноќ група демонстранти се одделија од главната група и успеаја да запалат полициско возило пред зградата на локалните власти. Полицијата брзо го изгасна пожарот и уапси неколку лица.

Американскиот претседател Барак Обама во меѓувреме изјави дека со ништо не може да се оправда палењето згради, автомобили и разурнување на приватен имот, коментирајќи ги вчерашните немири, кои почнаа, откако беше донесена одлуката за полицаецот.

– Такви деструктивни дејствија се криминал и одговорните треба да ја преземат вината, рече Обама во американскиот град Чикаго.