Полицијата потврди: Најмалку шест мртви во нападот во Минхен, еден од напаѓачите се самоубил

Германската полиција потврди дека во терористичкиот напад кој се случи попладнево во трговскиот центар „Олимпија“ во Минхен се убиени најмалку шестмина, додека бројот на ранетите сеуште не е утврден.

Полицијата исто така потврди дека еден од напаѓачите си пукал во главата. Германските елитни специјални сили ГСГ 9 кои се на местото на настанот во Минхен известуваат дека еден од напаѓачите се самоубил во трговскиот центар ОЕЗ .

Како што јави ДПА, во Минхен во тек е масовна операција на полицијата во потрага по тројца осомничени напаѓачи вооружени со автоматско оружје, за кои се претпоставува дека го извршиле нападот.

Во градот е прогласена „специјална состојба“ заради нападот, а целата област околу трговскиот центар е блокирана.

Сообраќајот во градот е целосно запрен – не сообраќаат метрото, трамваите, ниту автобусите, а евакуирана е и централната железничка станица во Минехен.

Полицијата засега одбива да го оквалификува нападот како „дело на исламски терористи“ и апелира да граѓаните да останат во своите домови и ги избегнуваат јавните места, како и да не објавуваат на социјалните мрежи фотографии и видеа од полициската акција и движењето на полицаијците.

Полицијата побара од учесниците во сообраќајот да ги избегнуваат автопатишта кои водат кон Минхен, за да им се овозможи на возилата за итна медицинска помош да имаат лесен пристап во зоната.

Баварската телевизија Бе Ер јави дека кон Минхен со хеликоптери се упатиле припадници на германската погранична полиција. Во исто време сите расположливи медицински екипи од Баварија се во приправна состојба да заминат кон Минхен.

Нападот почнал во 17:52 минути во ресторан за брза храна во трговскиот центар „Олимпија“, кој се наоѓа во северниот дел на Минхен.