Полицијата со солзавец ги растера демонстрантите во Фергусон

Полицијата употреби солзавец за да ги растера демонтрантите во градот Фергусон, каде ситуацијата се уште е тензична по убиството на афроамерикански тинејџер од страна на полицаец.

Полицијата прво побарала од демонстрантите да си заминат, а подоцна откако тие продолжиле со протестот, полицијата употребила солзавец.

Националната гарда распореди вчера свои припадници во обид да помогнат да се врати редот и мирот во Фергусон.Според западни медиуми, на покривите веќе се распоредени снајперисти.

– Нивната задача е да се грижат за безбедноста на Американците, ама тие водат војна против невооружени граѓани, изјави еден од демонстрантите.

Патолози кои беа изнајмени од семејството на убиениот тинејџер Мајкл Браун, соопштија дека во младото момче било пукано шест пати, од кои два куршума во главата.

Во центарот на американскиот град Сент Луис полицијата приведе осум луѓе кои го блокираа влезот на административната зграда во знак на протест поради случувањата во соседниот град Фергусон.

Според локални медиуми, повеќе од 120 демонстранти учествуваа во протести низ улици во градот, по што се собрале поред влезот на зградата и го блокирале.

Едно од приведените лица е 90-годишна жена, родена во Германија која го преживеала Холокаустот.

– Го правам ова откако бев тинејџерка. Не мислев дека ќе треба да го правам ова одново на 90 години, изјави Хајде Епштајн за Нејшан.

– Денес треба да го правиме ова за да не мора да го прават други кога ќе дојдат на 90 годишна возраст, додаде таа.

Американскиот претседател Барак Обама се дистанцираше од одлуката за испраќање на Националната гарда во градот Фергусон во државата Мисури, објави Гардијан. Главниот обвинител Ерик Холдер ќе ја набљудува ситуацијата вклучително и дали гардата „помага или пречи“ во таа ситуација, се вели во соопштение од Белата куќа.

Одлуката за повикување на резервистите беше донесена од гувернерот на Мисури, Џеј Никсон. Полицијата и Националната гарда на Мисури веќе нагласија дека армиските сили ќе играат само ограничена улога. Тие не прецизираа колку припадници се распоредени во Фергусон и колку време ќе останат, наведува Волстрит џурнал иако дел од американските медиуми веќе објавија оти сифрата е нешто поголема од 200 припадници.

Весникот го цитира и Филип Картер од Центарот за нова американска безбедност, според кој присуството на Националната гарда може да изгледа поагресивно, но им дозволува на властите да користат помалку сила.

– Постои посебен момент во кој ако имате доволно војници, ако имате патрола на секој агол, може да го вратите редот многу брзо, нагласува тој.

Националната гарда на САД е мрежа од 460 илјади резервисти кои служат еден викенд во месецот и е наследник на полицијата од 17 век, наведува Монд. По 11 септември 2001 година, голем дел од нив минале долго време во активна воена служба, и речиси не се разликуваат од редовните воени единици, наведува весникот цитирајќи го Чарлс Данлоп, директор на Центарот за законитост, етика и национална безбедност на Универзитетот Дјук.

Репутацијата на Националната гарда веќе е обременета со користењето припадници против борци за граѓански права.

Во 1970 година, Гардата убива четворица невооружени студенти од Универзитетот во Кент кои протестираа против војната во Виетнам. Резервистите помагале да се воведе ред по немирите во Лос Анџелес во 1964 година и во 1992 година и во Вашингтон во 1968 година по убиството на Мартин Лутер Кинг.