Полицијата во Берлин застрела 29-годишен бегалец

Припадници на германската полиција ноќеска при инцидент во центар за сместување бегалци, убиеле 29-годишен бегалец од Ирак, јави дописникот на МИА од Берлин.

До инцидентот, при кој повеќе полицајци пукале кон бегалецот, дошло откако тој нападнал еден Пакистанец кого го обвинил за силување на неговата шестгодишна ќерка.

Откако полицијата дошла во центарот за бегалци во населбата Моабит во Берлин и го уапсила 27-годишниот напаѓач, кој според сведоци ја силувал ќерката на убиениот, Ирачанецот со нож се нафрлил на силувачот викајќи „нема да преживееш“. Во тој момент кон него пукале неколку полицајци по што тој починал.

Портпаролот на Синдикатот на полицијата во Берлин, Бодо Фалцграф ги отфрла сугестиите дека полицајците требало да пукаат во долниот дел од телото, тврдејќи дека тие немале друга опција освен да употребат огнено оружје.

– Полицајците морале да спречат ситуација во која луѓето го земаат законот во свои раце, изјави денеска Фалцграф.

Во делови на Берлин полициските тимови тестирале електрични пиштоли, но полицајците во Моабит немаат пристап до овој вид на оружје, јавуаат германските медиуми.