Полицијата во заседа улови цигари вредни 40.000 евра

Македонската полиција во заседа заплени 19.480 кутии цигари вредни околу 40.000 евра. Цигарите се од марките Мерилин Слимс и Јорк, изјави министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска.

Шверцерите на цигари биле уапсени откако претходно успеале да ја пробијат полициската заседа и да побегнат. Полицијата отворила и оган кон возилото, но безуспешно. Половина час подоцна возилото било пронајдено од страна на полицијата, напуштено, откако претходно неконтролирано удрило во дрво.

Од полицијата потврдија дека организатор на транспортот на запленетите цигари е триесет и едногодишниот Б.А. од Крива Паланка. Истиот со возило од марката „ауди А3“ со кривопаланечки таблици не застанал на две полициски патроли во Делчево и една сообраќајна патрола во Виница. Нешто подоцна, тој бил пронајден и приведен во полициската станица Крива Паланка.

На подрачјето на Крива Паланка и Делчево биле извршени вкупно 12 претреси, при што биле пронајдени и одземени 40 кутии цигари од марката ЛД, 14 патрони за ловна пушка, едно возило „ауди А3“, како и мобилни телефони и сим картички.

Во акцијата од слобода се лишени осум лица, додека четворица нивни соработници се наоѓаат во бегство.