Политичката криза удри по стопанството

Штети по туризмот, откажани нарачки, намалено производство, резервирани странски и домашни инвеститори. Политичката криза удри по домашното стопанство. Први кои претрпеа директни последици се туристичките работници. Пропаднале договорени групни аранжмани, а и гости од регионот се откажале од индивидуалните патувања, пренесе Лидер.

„Според последните податоци, од 25% раст на бројот на странски туристи, од стартот на „бомбите“ на СДСМ, протестите и конфликтот во Куманово, тој падна на 12%“ – вели Зоран Николовски од Агенцијата за туризам.

Туристичките агенции го вклучија алармот!

Пропаднатите резервации го вклучија алармот. Агенцијата за промоција и за поддршка на туризмот свика вонредна седница на која се бараат решенија за настанатата ситуација.

„Се соочуваме со ситуација во која различни медиуми, домашни и странски, излегуваат со своја интерпретација на настаните, со што се предизвикува несигурност кај странските партнери и откажување на организираните патувања кон Македонија од сите странски држави“ – вели првиот човек на Агенцијата, Кристијан Џамбазовски.

Анализите покажуваат дека најголемиот дел од откажаните резервации се од Србија, но се стравува дека и кај туристите од Бенелукс ќе има потфрлање. Холандската амбасада во Скопје на својата интернет – страница се уште ги прикажува препораките за патување во Македонија: постојат безбедносни ризици, демонстрации во Скопје секоја вечер со почеток од 18 часот, демонстрации кои можат да прераснат во насилство. Ова ја наруши сликата која макотрпно се градеше во изминатиов период, кога Македонија од месец во месец регистрираше зголемен број на туристи и ноќевања.

„Состојбата е проблематична. Има откажувања на веќе постојните аранжмани, а да не говориме за нови аранжмани. Ние стравуваме да не дојде до пропаѓање на договорите за туристите од Бенелукс, бидејќи чартер-летовите се од мај до средината на октомври. Ако има немири може да пропаднат овие договори. Нема потреба од немири, бидејќи за нив известуваат странските телевизии, а со тоа се намалува и бројот на резервации. Не е во прашање само туризмот, туку и целата економија“ – вели претседателот на ХОТАМ, Крсто Блажевски.

Туристичките агенции се надеваат дека ќе има брзо решение за кризата, за да не пропадне целата туристичка сезона.

Реалниот сектор трпи директни штети!

Откажани странски нарачки, резервираност околу реализацијата на новите деловни потфати, помалку странски инвестиции и нови работни места, намалена потрошувачка. Политичката криза сериозно му се заканува на бизнисот, а дел од компаниите веќе имаат директни штети.

„Апелираме што поскоро да се најде решение на политичката криза, бидејќи се намалуваат нарачките однадвор, а дел од фирмите може и да банкротираат“ – вели првиот човек на Раде Кончар, Аце Антевски.

Компаниите, пак, кои имаат развојни планови ги оставаат во фиоките, чекајќи подобри времиња, кога ќе нормализира политичкото опкружување.

„На краток и на среден рок ќе подзастанат плановите за развојни активности, што ќе има негативно влијание на економијата“ – оценува директорот на ССК, Митко Алексов.

Креаторите на политиките, кои досега покажаа разбирање за потребите на стопанствениците, ја делат загриженоста на бизнис – секторот.

„Кризата се пролонгира, а тоа не е добро за стопанството. На стопанствениците им е потребна политичка стабилност и извесност. Добро е кризата што побрзо да се затвори со цел стопанството да ги оствари предвидените резултати“ – вели вицепремиерот Ставрески.

Целата анализа прочитајте ја на ЛИДЕР