Политичките тензии – закана за економијата

Иако македонската економија е стабилна и со најбрз раст во Европа, се соочува со ризици. Ако досега закана претставуваше економската нестабилност во Европа, сега опасноста доаѓа од домашните случувања на политичката сцена. Доколку ескалираат,може негативно да се рефлектираат на економијата на начин што инвеститорите ќе бидат воздржани, потрошувачката ќе се намали, ќе забави растот, а вработувањата ќе стагнираат, сметаат експертите, пишува Лидер.

Последните проекции на Народната банка велат дека економијата годинава ќе расте со стапка од 4,1%, за да забрза до 4,5% во 2016-та.

-Во минатото главен ризичен фактор беше странското опкружување, бидејќи таму немаше раст, таму имаше големи проблеми. За прв пат, после долго време имаме ситуација кога кажуваме дека ризикот доаѓа во најголем дел од домашните политички случувања, бидејќи надворешните ризици се намалени. Домашните политички случувања се фактор на ризик, којшто може да ја загрози оваа поволна слика за македонската економија и овој поволен тренд кој очекувавме трета година да продолжи, смета гувернерот на централната банка, Димитар Богов.

Според гувернерот Богов, растот на економијата оваа и во наредната година ќе се должи на релативно силниот позитивен придонес на инвестициите, извозот, а во помал дел на растот на личната потрошувачка.

-Факторите коишто беа носители на растот во претходните две години остануваат, а тоа беа јавните инфраструктурни инвестиции, странските директни инвестиции и минатата година веќе започна поттик од онаа традиционална индустрија, којашто беше покрената од случувањата во Европската унија, односно закрепнувањето на европската економија. Оваа година очекуваме дека европската економија ќе зајакне и тоа треба да ја придвижи уште повеќе онаа традиционална индустрија, којашто зависи од побарувачката на европските пазари, изјави гувернерот Богов.

Иако стапките на раст на македонската економија се реално остварливи, познавачите велат – ако политичката криза потрае подолг период, тогаш последиците ќе бидат поразителни.

-Секоја нестабилност во државата, било да е политичка или не, таа за бизнис – секторот не е добра и може да има поразителни резултати врз економијата. Во ситуација на криза проектите ќе останат во фиоките и никој нема да пристапи кон развојните компоненти, предупредува претседателката на Сојузот на стопански комори, Даниела Арсовска.

Компаниите, без разлика дали станува збор за странски или домашни, ако продолжат и понатаму се вжештат политичките тензии,  двапати ќе размислат пред да донесат одлука да вложуваат во нови проекти.

-На краток и на среден рок ќе подзастанат плановите за развојни активности, што ќе има негативно влијание на економијата, оценува извршниот директор на ССК, Митко Алексов.

Стапките на раст- реално остварливи

Експертите се согласни дека прогнозираните стапки за раст на домашната економија, оваа и следната година се реално остварливи. Проекциите за раст и на меѓународните институции како ММФ, ЕБРД и Светска банка, како и на Европската комисија се многу слични- факт кој самиот по себе потврдува дека се остварливи.

-Прогнозите на Европската комисија пред сѐ се реални базирани на еден стандарден и долгогидишен пораст и на Бруто домашниот производ, нормално и по глава на жител но и зголеменото ниво на инвестиции, како странски така и домашни инвестиции кои дефакто овозможуваат и зголемување на бројот на вработени лица, изјави универзитетскиот професор Сашо Кожухаров.

Бизнисмените исто така очекуваат стабилна домашна побарувачка, но и повеќе нарачки од странство. Заздравувањето на европските економии може да значи шанса за поголем пласман на производи и услуги кај традиционалните трговски партнери. Најавениот влез на околу 25 странски компании, како и капиталните инфраструктурни проекти, исто така ќе имаат значајно влијание врз растот на економијата.

-Продолжуваат странските директни инвестиции, чии што ефект е далеку посилен од оној којшто ние го очекувавме. И тој доаѓа многу побрзо од она што ние го очекувавме. Веќе имаме значителен придонес во извозот од новите странски капацитети. И затоа е многу важно да продолжи тој тек на нови странски инвестиции, да не престане. Нивниот ефект е навистина значителен, вели гувернерот на НБРМ, Димитар Богов.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.