Политичката криза го намали растот

Политичката криза сè посилно удира врз домашната економија. Инвестициите се намалија, растот забави. Светска банка за годинава ни прогнозира позитива од 2 процента од БДП, што е во линија со проекциите на Владата со ребалансот за раст од 2,3 проценти и со очекувањата на Народна банка, пишува Лидер.

-Проекциите ни се усогласени со оние на Министерството за финансии и Народната банка дека растот за годинава ќе се намали до околу два процента. Тоа се уште е ниво на раст кој е за респект во Европа, а изгледите се позитивни особено по разрешување на прашањето со изборите, вели директорот на Канцеларијата на Светска банка во Македонија, Марко Мантовели.

Разрешувањето на политичката криза ќе доведе до политичка стабилност, а тоа важно, бидејќи политичките турболенции се прекршија врз економијата. Инвестициите трпат како резултат на кризата, растот забави – оцени Светска банка.

-Политичката криза ни покажа дека може да изврши брз и негативен удар врз економијата. Првенствено, каналот се случува преку воздржаноста на инвеститорите, и на странските кои имале намера да дојдат во Македонија и на домашните претпријатија кои планирале да носат позначајни инвестициски одлуки, вели универзитетскиот професор Марјан Петрески.

Сепак, изгледите за во иднина се позитивни. Светска банка за в година ни прогнозира позитива од 3,3%, а во 2018-та од 3,7%, што повторно ќе не стави во групата најдобри во регионот.

Според Светска банка, растот забавил поради намалувањето на инвестициите, но се очекува постепено да закрепнува, движен од финалната потрошувачка и од инфраструктурните инвестиции. Сепак, банкарите од Вашингтон предупредија дека расте фискалниот дефицит, што има импликации и врз јавниот долг.

-Во Србија, БИХ и Македонија, на среден рок, растот се очекува да се зголеми, со поткрепа на разнообразноста на инвестициите во продуктивни активности, како и поради приватната потрошувачка, пишува во Извештајот на Светска банка.

-Ние сме застапници кога една мала економија се задолжува, тогаш тие средства што е можно попродуктивно да ги вложува. Нема ништо лошо со задолжувањето, туку она што е битно како ќе се користат овие средства, вели Мантовели.

Да се реши кризата за да се зголеми растот!

Главната порака од Светска банка е да се реши кризата за да се зголеми растот.

-Растот во Македонија се очекува ненадејно да забави од 3,7 проценти во 2015 година на 2 процента во 2016 година, бидејќи продолжената политичка несигурност ја намалува економската активност, особено приватните инвестиции. Јавните инвестиции не се доволни да го надоместат острото намалување на приватните инвестиции. Продолжената политичка несигурност ги ослаби инвестициите кои, за прв пат по шест години, одземаат од растот на Република Македонија, пишува во Извештајот.

На ова подолг период предупредуваа и бизнисмените од земјава.

-Верувам дека сите оние коишто го пратат бизнисот, не само оние кои се директно инволвирани во него, гледаат дека оваа ситуација води кон комплетно уништување на бизнисот, а со тоа ќе настане одреден пад на македонската економија, особено во оној дел што се темели на приватиот сектор, вели претседателката на Сојузот на стопански комори, Данела Арсовска.

Светска банка предупреди и за последиците врз кредитирањето на приватниот сектор.

-Растот на кредитирањето и понатаму е позитивен во Македонија и во Косово, иако еродирањето на довербата негативно влијаеше на корпоративното кредитирање во првата половина на 2016 година, пишуваат банкарите.

Постојаното одложување на изборите само ја пролонгираше политичката криза и ја зголеми неизвесноста.

-Во Македонија, ефектите на продолжените политички превирања и несигурноста во однос на изборите почнуваат да ја ослабуваат економијата. Иако СДИ се донекаде отпорни тука, сепак домашните инвестиции драстично се намалени,  велат од Банката.

-Политичката стабилност е предуслов за економската стабилност, за овозможување економски раст, кој во време на политичка криза беше тешко да се постигне, бидејќи компаниите ги замрзнаа вработувањата и планираните инвестиции, објаснува претседателката на ССК, Данела Арсовска.

Она што го нотираше Светска банка беше констатирано и во последниот редовен преглед на Народна банка, во однос на макроекономските податоци.

-Во однос на проекцијата, како и во првиот квартал, и во вториот квартал растот е понизок од очекуваниот, а главната причина е понискиот раст на бруто-инвестициите во однос на очекувањата. Расположливите високофреквентни показатели за движењата во одделните економски сектори навестуваат продолжување на растот во третиот квартал, но оцената е заснована врз мошне мал обем на расположливи податоци. Сѐ на сѐ, остварувањата во првата половина од годината се пониски во однос на априлската проекција, што упатува на потенцијално надолно отстапување од проектираниот економски раст за целата 2016 година, соопшти Централната банка.

Македонија го заврши првото полугодие од 2016-та со просечна стапка на раст од 2,1 процент на БДП.