недела, 23 јули 2017  |  Вести денес: 52

Политичката криза може да го сопре трендот на раст во туризмот!

Mакотрпната работа на брендирање на Македонија како поволна туристичка дестинација за странските туристи може да пропадне за само три дена, ако политичката ситуација во земјава се влоши.

turizam

Последни вести

Трендот на раст на туризмот во земјава може да остане само желба доколку не се смири политичката состојба, велат туристичките работници. Протестите, кревката политичка ситуација, но и бегалската криза се причините кои буквално ги плашат странските гости, пишува Лидер.

Од туристичко- угостителската комора за следниов период прогнозираат од 10 до 15 проценти зголемување на бројот на туристи, но тоа може да се промени доколку политичката ситуација се влоши. Велат, макотрпната работа на брендирање на Македонија како поволна туристичка дестинација за странските туристи може да пропадне за само три дена, ако политичката ситуација во земјава се влоши.

Туристичките работници, истиов период лани, поради протестите и контра-протестите во мај успеаа да ја спасат сезоната.

„Минатата година се органзиравме, после протестите да нема никаков проблем. Ние тоа го работиме како еснаф, како фела. Но, ако се случат некои поголеми проблеми, за три дена може да се изгуби дестинацијата во наредните пет години. Не можеш да ја вратиш, што и да сакаш да направиш“, вели Аркан Керим, претседател на Туристичко- угостителската комора.

Според податоците на Државниот завод за статистика, бројот на домашни туристи во феруари годинава е зголемен за 17, 6 проценти, во споредба со истиот период лани, додека бројот на странски туристи е зголемен за 4,9 проценти.

Зголемен е и бројот на ноќевањата за 16,2 процента, односно за 19,8 на домашните и за 13,9 отсто на странските или, евидентирани се вкупно 72.385.

Во периодот јануари-февруари 2016 во однос на истиот период претходната година, бројот на туристите е зголемен за 12,9 отсто, кај домашните за 16, а кај странските 11 проценти. Бројот на ноќевањата, пак, е зголемен за 18,2 отсто, кај домашните туристи за 24,2, а кај странските за 13,8 проценти.

Македонија дел од продажните каталози на странските тур- оператори

Туристичките работници велат дека Македонија е веќе дел од продажните каталози на странските тур- оператори. И на Саемот за туризам, агенциите ги презентираат туристичките потенцијали со кои располага државата.

„Овој саем го искористивме да го вклучиме и нашиот оддел за дојдовен туризам. Новина оваа година е чартер летот од Брисел“, изјави Асим Меѓедовиќ, директор на туристичка агенција.

Македонија како туристичка дестинација станува препознатлива на светската туристичка мапа, а туризмот во земјава бележи континуиран раст. Минатата година земјава ја посетиле речиси половина милион странски туристи.

Трендот на раст на македонскиот туризам започна во 2011-та година, кога почна субвенционирањето на странските гости. Освен промоција на Македонија на туристички план во светски рамки, и многу други мерки придонесоа за зголемување на бројот на туристите. Субвенциите за тур- операторите, евтините авиобилети до Македонија, изградба на модерни плажи, пешачки и планинарски патеки околу езерата, промоција на земјава како атрактивна туристичка дестинација на светските медиуми, можноста за изградба на хотели на државно земјиште по почетна цена од 1 евро за метар квадратен, се дел од мерките кои овозможија постојан раст на туризмот во последните години и зголемување на бројот на странските туристи.

Статистиката покажува дека во 2006 година имало 202.000 странски туристи, а во 2015 година бројот е зголемен на 483 илјади странски туристи. Годинава ќе се инвестираат околу 2,5 милиони евра субвенции на турооператорите кои носат странски туристи во државата, најави неодамна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

Македонците најзаинтересирани за Грција и Турција

Македонците и годинава се најзаинтересирани за аранжманите во Грција и Турција, велат од туристичките агенции. Таму се нудат поевтини аранжмани, бидејќи политичките случувања ги урнаа цените на пазарот.

„Цените ќе бидат многу евтини, до 30 проценти од минатата година. Во хотел со 5 ѕвезди почнувајќи од 299 евра“, вели Шптим Мустафаи, директор на туристичка агенција.

На Јадранот, пак, цените за летување остануваат исти.

„Приватно сметување во апартман за двајца чини од 20 – 25 евра на ден, додека цените во хотелите се различни и диктирани се од категоријата, локацијата, но сместување со појадок може да се најде и за 30 евра па нагоре“, вели Тамара Крстовиќ, Туристичка организација Тиват.

Најчитани вести