Политичко-етничко силување на правдата

Серјожа Неделкоски

Обвинителката Сузана Кусигерска, којашто го води случајот за смртта на малиот Алмир, во самиот финиш на судскиот процес, односно во завршниот збор реши да направи преквалификација на делото со кое беше обвинет Бобан Илиќ, по што наместо за „убиство со умисла“, сега го гони за „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“. Според обвинителката, целосната слика за случајот ја добила откако меѓу доказите ги добила и двете вештачења, коишто не биле изработени навреме, па без нив морала да го поднесе обвинителниот акт. Од семејството на жртвата обвинуваат дека подлегнала на притисок. Добро е што обвинителката ја гледа целата слика, зошто немилиот настан не почнува од моментот кога автомобилот удира во малиот Алмир. Случување, кое е неизоставен дел од мозаикот на оваа трагедија, имало и претходно.

Во секој случај оваа трагедија во којашто животот го загуби четиригодишник ја очекува уште долг процес во кој ќе се разјаснуваат околносите на несреќата. Правдата мора да биде задоволена, секако, но тоа мора да биде низ институциите, а не само со обвинување за правосудниот систем полн со недостатоци без да се посочи кој во крајна линија е виновен за нив.

Меѓутоа, се чини дека и покрај сите ветувања за ослободување на правдата од политичката стега, еден од круцијалните услови за посакуваните европски перпсективи на земјата, токму правосудството ќе биде последната сфера од којашто политиката ќе ги тргне своите шепи. За жал, токму трагичниот случај на малиот Алмир покажува дека политичкото мародерство, односно инструментализирањтео на личните трагедии за политички цели нема да исчезне од стратегијата на домашните партии.

Македонија во ова не е особен исклучок, меѓутоа, спецификата е во тоа што речиси редовно ваквите случаи во кои жртвите се од различна националност се користи за етничко мобилизирање, повторно политички инструментализирано. Сведоци сме дека веднаш по преквалификувањето на делото во „случајот Алмир“ беше организиран протест со чисто етничка интонираност.

Притисокот од јавноста и протестите се интензивираа по преквалификацијата на делото. Овој случај ја подели јавноста, но и јавното обвинителство. Четворица обвинители јавно соопштија дека се против преквалификација, а веднаш потоа првиот човек на обвинителството рече дека обвинителите го прекршиле кодексот и постапиле непрофесионално бидејќи нивниот став бил предизвикан од други цели кои не се поврзани со извршување на јавнообвинителската функција.

Пратениците на ДУИ бараат формирање парламентарна комисија да го разгледува случајот со Алмир. Ваков е исходот од средбата на пратениците со семејството на малиот Алмир. Од партијата на Ахмети најавија дека денеска ќе ја поднесат иницијативата и дека очекуваат поддршка од сите партии „за да не добие случајот политички или етнички димензии“. Но, прашање е колку „интегративците“ ќе бараат формирање ваква комисија, во обратната ситуациија – без никакво минимизирање на трагедијата и губењето од вид на огромнаа загуба што ја поднело едно семејство.

Исто така, и во една вчерашна телевизиска емисија во којашто гостуваа јавниот правобранител, експерти и аналитичари, сите претставници на албанската заедница и сите од ред повикаа на отстапување од преквалификацијата во споменатиот случај. Сето тоа го подзасилува впечатокот дека се’ повеќе сме сведоци на етничкиот притисок засилен со ветувања и непретпазливи изјави на политичарите.

Потребно ли е да се споменат случаите како „Монструм“ во кој се пет жртви се Македонци, во кој пресудата е укината, со несфатливо образложение дека станува збор за монтиран случај, па дури и да е така, зошто правно не се гонат сите инволвирани во „монтирањето“, од почеток до крај, до судиите кои пресудиле наводно „монтирано“. И во овој случај етничкиот притисок и предзнак беше искористен за исходување на ваквиот резултат и повторно отворање на процесот, а најмногу поттикнат токму од калкулациите на сегашната власт во обидот да ја урне претходната. Бескрупулозната политичка манипулација со семејствата на младите жртви брутално екзекутирани кај Смилковското езеро за постоење наводни докази кои ги ослободуваат обвинетите, а никако тие фамозни докази да се појават, своевремено предизвика повторно етнички притисок и исход каков што имаме.

Непомалку впечатлив е и случајот „Диво насеље“ кога Кривичниот суд на обвинетите за настаните кои се случија во мај 2015 година и во кои животот го загубија осум припадници на македонските безбедносни сили, им пресуди осум доживотни затворски казни, 13 лица осуди со по 40 години, шест со по 20 години, еден со 18 години и двајца со 14, двајца со 13 и двајца по 12 години и четири пресуди за ослободување.

За овој случај кон крајот на минатата година беше органзиран масовен протест, на кој организаторите бараа меѓународна истрага и преглед на случајот, кој, според нив, претставува неправда нанесена на Албанците во Македонија. Освен осудените лица во Случајот на „Диво насеље”, бараат слобода и за другите осуденици во случаите „Монструм”, „Бродец”… Сите случаи во кои станува збор за паравоени формации и тероризам, за нарушување на уставниот поредок, со учество на странски државјани и со жртви.

Актуелната власт, пак, со своите постапки потврдува дека станува збор за политичко-етнички притисоци, бидејќи токму таа ги отвораше овие случаи како „монтирани“ во својата кампања и подоцна во обидите да создаде коалиција којашто ќе има доволна парламентарна поддршка.

Кој само да протестира за убиените и во случајот „Смилковско езеро“ и во случајот „Диво насење“? Која парламентарна партија за нив да покренува формирање комисии?

Да, како што вели омбудсманот Меџити, треба да се пристапи со „ладни глави, да се анализираат сите докази и да донесат одлука којашто ќе ја прифатат сите“. Но, притоа тоа мора неизоставно да важи за сите случаи, без прејудицирање на етничката припадност на жртвите или виновниците. Само така ќе може да добиеме неопходна меѓусебна доверба за градење правично општество. Сето друго ќе биде политичка манипулација со судбините на засегнати, како што и впрочем е моментно.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.