Милошоски: Со меѓувладина комисија за спроведување на договорот, Бугарија ќе добие легално право да ја попречува Македонија

Особено е штетен и ризичен, сега и во иднина, членот 12 од договор за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија во којшто е предвидено дека во рок од три месеца од неговото стапување на сила двете држави ќе основаат заедничка меѓу владина комисија, изјави во саботата на прес-конференција Антонио Милошоски поранашениот министер за надворешни работи од ВМРО-ДПМНЕ.

„Заедничката меѓу владина комисија ќе одржува редовни средби еднаш годишно со цел за преглед на ефективната примена на овој договор. Што значи тоа? Тоа значи дека оваа меѓувладина комисија зависно од политичкото расположение во соседна Софија, зависно од тоа дали тие сметаат дека некој учебник е доволно изменет, дека некој споменик е тргнат или корегиран, дека некоја историска личност или настан е прилагоден на нивните желби. Преку оваа меѓувладина комисија за надзор и спроведување на билатералниот договор ќе добијат легално право да ја попречуваат Македонија во своите аспирации“, посочи Милошоски.

Тоа попречување, истакна Милошоски, може да биде постапка за блокирање на отворање на одредено поглавје или постапка за блокирање за затворање на одредено поглавје за преговори за Европската унија.

„И доколку имаме една претпоставена ситуација дека во соседна Бугарија имаме историски и прозападни и просоветски политички сили, коишто се добро етаблирани. Нема да биде никакво изненадување доколку во некоја од следно време имаме евро-скептична или нато-скептична влада во соседна Софија. И нивните намери можат да ги остваруваат преку попречување, политичко попречување и злоупотребување на потпишаниот штетен договор помеѓу Македонија и Бугарија. Затоа сметаме дека владата треба додека има време да се повлече од потпишаниот договор помеѓу Македонија и Бугарија, бидејќи истиот има суштински недостатоци. И на среден и на долг рок ќе отвора повеќе спорни прашања отколку што ќе затвора прашања“, укажа Милошоски.

Споре неговата процена, договорот нема да ја гради довербата меѓу македонскиот и бугарскиот народ, туку напротив ќе отвора дополнителни стереотипи.

„Ние ќе направиме сѐ во Собранието на Република Македонија овие теми да ги отвориме. Но укажавме и пред да биде потпишан договорот, кажуваме и денеска дека откако еден договор ќе биде потпишан во Собрание истиот нема можност да биде надополнет со какви и да се амандмани. Тоа беше кукавичкиот потег на господинот Заев што не го даде договорот на јавна расправа пред да биде потпишан кога се уште имавме време дел од амандманите кои што сметавме дека суштински ќе го подобрат текстот да бидат вградени за да може и Софија и Македонија да го потпишат договорот на достоинствен начин“, заклучи Милошоски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.