Савески од Левица бара оставка од пратеникот на СДСМ

До кога бе вакви работи?! Нели СДСМ ќе донесеше промени? Овие ли се промените, наместо Мурто – Курто? Две работи имам да ѝ порачам на новата влада, пишува на својот фејсбук профил Здравко Савески, член на Левица и активист во ткн „Шарена револуција“

 

1) Пратеникот Курто Дудиш под итно да си поднесе оставка. Ако не си поднесе после овој скандал, мора да биде разрешен од коалицијата што го кандидирала. Ако тоа не го направи, ќе се смета дека ваквите акти се со нејзина дозвола.

2) Еден од приоритетите на новата влада мора да биде решавање на проблемот со сиромаштијата, особено кај ромското население. Доста веќе се уценуваат за најосновни егзистенцијални проблеми! Доста се сметаат за граѓани од трет ред! Ако не се направи ништо во врска со ова, ќе се смета дека и оваа влада како и претходните намерно ја перпетуира сиромаштијата кај Ромите за да си обезбеди гласови преку давање на услуги кои по закон им следуваат!

Ваквата реакција следуваше откако се појави видео снимка на пратеникот од СДСМ, Курто Дудуш, во којашто објаснува што значи поседувањето на членската книшка за обичниот човек, во секојдневниот живот. На средба со граѓани, Дудуш објаснува зошто е многу важно да се поседува членска книшка од СДСМ.

„Да се биде член на СДСМ е голема работа. Дали ќе имате проблеми во социјално за нешто најмало, дали нема да поминете на пешачки премин и ве казни полиција, дали ќе управувате со автомобил кој не е регистриран или не сте вклучиле светилки или, пак, не сте врзани со појас. Дали во некое министерство ќе ти треба некаков документ, дали кога ќе отидете на лекар, ќе ви треба познанство, дали ќе треба да се вработите во некое министерство, не знам, за икс работи за секојдневни потреби. Затоа ќе биде многу битно да имате таков документ, затоа што таа ќе ти биде втора лична карта“, вели Дудуш.