ВМРО-ДПМНЕ Куманово: Градоначалникот и началникот во полицијата од СДСМ да стават крај на сообраќајниот хаос

Членовите на ВМРО-ДПМНЕ од Куманово бараат да се стави крај на сообраќајниот хаос на булеварот „Октомвриска револуција“, место кое во летниот период се користи за трки на мотори и автомобили, а и претставува место каде се случуваат голем борј сообраќајни несреќи.
Од ВМРО-ДПМНЕ Куманово велат дека овој булевар се наоѓа покрај кејот и шеталиштето во градот, како и спортсктата сала, па раздвиженоста е поголема, а со тоа и животот на голем број граѓани е во опасност.

„На ова место во летниот период излегуваат родители и деца и се шетаат и уживаат, спортистите возат велосипеди, трчаат и се рекреираат, илјадници граѓани секојдневно поминуваат тука и се соочуваат сите со еден голем проблем, несовесните и неодговорни возачи. Сите низ годиниве бевме сведоци на сообраќајни незгоди и трагични настани, меѓу кои имаше и наши сограѓани. Оваа сообраќајница е најкритична и необезбедена. Преку лето претставува тркачка патека за мотори и коли. Безбедноста воопшто не е предвидена за граѓаните, ниту пак некој од општината реагираше и предложи некој план за справување со оваа ситуација“, велат од ВМРО-ДПМНЕ Куманово.

Од таму порачуваат дека оваа црна хроника мора да престане, дека е време да му се пристапи сериозно на овој проблем и да му се стави крај на сообраќајните инциденти предизвикани од брзото возење. Тие побараа од началникот Стојанче Величковиќ и градоначалникот Зоран Дамјановски-Циц да воведат 24 часовна полициска контрола на овој булевар.

„Бараме градоначалникот, заедно со началникот од СДС, Стојанче Величковиќ да најдат решение и да воведат 24 часовна контрола на неколку точки долж булеварот, со полицајци кои ќе го мониторираат сообраќајот. Животот и здравјето на граѓаните е на прво место и тука не смее да има дневна политика. Како Општински комитет даваме максимална поддршка на полицијата и на сите фактори кои можат да помогнат за спречување на сообраќајните незгоди, кои се најчести во летниот период“, велат од ВМРО-ДПМНЕ Куманово.