Македонија

Политиката на посветеност и мудрост да биде нашата заедничка опција

Политиката на посветеност и мудрост да биде нашата заедничка опција

Југоисточна Европа треба трајно да ја осигура својата стабилност и да граби кон економски напредок. Решавањето на отворените прашања, и тоа врз база на принципите на ОН, во што побрз период, треба да биде стратешки приоритет и предмет на интерес на ОН. Политиката на посветеност, соработка и мудрост кон решавањето проблеми треба да биде нашата заедничка опција и тоа преку проактивен пристап и максимален ангажман, истакна македонскиот премиер Никола Груевски во обраќањето пред Генералното Собрание на Светската организација во Њујорк, пренесe МИА.

– Република Македонија останува активен и конструктивен актер во регионалното опкружување, давајќи значителен придонес на натамошното продлабочување на добрососедските односи, регионалната соработка и зацврстувањето на регионалната безбедност. Оваа година ние претседаваме со Централно Европската Иницијатива и се фокусираме на афирмирање и промовирање на регионалната поврзаност, развој на инфраструктурните и енергетски врски и одржливиот развој во регионот, рече Груевски.

Главната стратегиска и надворешно-политичка цел на Република Македонија, истакна Груевски, останува нашето членство во ЕУ и НАТО. – Сите реформи преземени во земјата се во согласност со таа цел. Сите внатрешно-политички проблеми се решаваат во тој дух. Сепак, без оглед на внатрешно-политичките предизвици со кои се соочуваме, дозволете ми да подвлечам дека не треба да има препрека на нашиот пат кон евро-атлантската заедница на нации, наглaси македoнскиот премиер.

Едно нерешено прашање, посочи, кое, за жал, стои на патот на трајна стабилизација на нашиот регион, и директно влијае врз мојата земја и сѐ уште стои во агендата на ОН, за жал, е разликата со Грција околу името на мојата земја.

– Нашата позиција е мошне позната. Решавањето на разликите со нашиот јужен сосед е наш приоритет, во рамките на границите на резолуциите на ОН и согласно меѓународното право, кои го дефинираат решението кое е предмет на разговори и взаемно прифатливото решение, нагласи Груевски, порачувајќи дека ОН не можат и не смеат да стојат настрана од овој процес кој силно ги попречува македонските аспирации за подобра иднина за граѓаните.

Според премиерот Груевски, треба ангажман за да се мотивира Грција да пристапи кон решавање на ова прашање, имајќи ја предвид инертноста која во дел е резултат на објективни причини заради неповолната економска состојба.

– Како две пријателски земји кои освен овој немаат друг проблем треба да се почитуваме и да соработуваме, да разговараме. Би сакал да ја повикам новата Влада во Грција, како што правевме и во претходните случаи, во духот на добрососедските односи и пријателството, да го решиме ова нерешено прашање како одговорни лидери и држави пред нашите народи. Како соседи, почитувајќи ја Времената спогодба од 1995 година како темел на нашите односи, неодамна договоривме список на практични мерки за градење доверба кои ќе бидат спроведени меѓу нашите земји, позитивен чекор што може да доведе до создавање погодна клима за надминување на разликите во врска со името. Се надевам овој пристап ќе продолжи и со новата грчка Влада, рече Груевски.

Денешните генерации политичари од двете страни, укажа, треба да направат овој спор, кој е произведен пред 24 години како класична политизација и инструмент кој во минатото требало некому да обезбеди поени во политичката агенда, може да има решение кое ќе е одржливо, балансирано, и најбитно взаемно прифатливо и кое ќе го поддржат граѓаните на нашите земји и кое ќе обезбеди суштински напредок за Република Македонија, позитивен исчекор на Грција во инвестирањето во гарантирано стабилно регионално опкружување и реализација на интересот на колективните системи за безбедност за меѓународен мир и просперитет и гаранција на нивните интереси.

– Ова решение ќе придонесе во цврстината на регионот и подигнување на капацитетите за отфрлање на предизвиците со загрозувањето на стабилноста од страна на радикални елементи, подобро остварување на меѓународните конвенции за универзалните права и посилен систем за одговор на хуманитарните предизвици, рече премиерот Груевски.

Со таква една трајна стабилизација, порача, широко ќе се отворат можностите за реализација на економски напредок, за поголема соработка на сите земји во регионот во трговската размена и соработката на полето на инвестициите.

– Сите ние треба да се стремиме кон реализација на крупни економски инфраструктурни проекти, кои ќе опфаќаат поголем број држави и со чија што имплементација следствено ќе се влијае на зголемување на бруто домашниот производ на сите земји партиципиенти и ќе се обезбеди отворање на десетици илјади нови работни места. Берлинскиот процес дава добри моменти во поглед на реализација на овој концепт, а интеграцијата во Европската Унија дополнително ќе го засили тој елан, но и ефикасноста, ефективноста и продуктивноста на реализацијата на шансите во функција на економскиот раст, наведе Груевски.

На тој начин, додаде, ќе продолжиме со стратешките цели за намалување на невработеноста која е суштинска цел од првиот ден на мојот ангажман во политичкиот живот, за подигнување на економскиот стандард на граѓаните, за развој во образованието и културата и во унапредување на стандардите во секоја сфера кои ќе донесат корист и за земјите и за регионот.

– Затоа, дозволете ми уште еднаш да апелирам тука, во Обединетите нации, додека се потсетуваме на принципите и целите на организацијата, дека двете земји мора целосно да го искористат меѓународното право и правда во решавањето на ова прашање на одговорен начин, почитувајќи ги притоа разликите во нашите позиции, а сепак во обид за нивно надминување, верувајќи во европските вредности и во нашата заедничка иднина, рече претседателот на македонската Влада.

Истакна дека регионот на Југоисточна Европа влегува во фаза на позитивен развој и генерално, националните и регионалните примарни цели се веќе исполнети или се на дофат. И покрај ваквиот напредок,  нагласи, одредени долготрајни, нерешени или делумно решени билатерални прашања имаат јасен негативен одраз врз нашата сегашност и блиска иднина, а за Република Македонија која се соочува со отворен спор, тоа се покажа како сериозна пречка за интеграциите во меѓународни организации. Тоа претставува оптоварување за напредокот за градење капацитети за превенција од нарушување на стабилноста, и тоа во мигови на големи глобални искушенија, посочи премиерот Груевски.

Нашиот регион, додаде, се соочува со два клучни стратешки и глобални предизвици, првиот е кризата со мигрантите и бегалците, и вториот многу поопасен аспирациите за посилен продор на ИСИС во Европа, кои појавуваат сериозни опасности за влијание на економијата и одржливиот развој, но многу пострашно преку агендата на ИСИС за рушење на општествата базирани на универзалните вредности и принципи кои ги штити ОН.

Осврнувајќи се на состојбата со бегалците со која се соочуваат државава, Балканот и цела Европа, посочи дека од почетокот на оваа година речиси 200.000 луѓе, главно Сиријци, минаа низ Република Македонија.

– Соседите на Сирија, на пример Либан, Турција, Јордан, се силно погодени, а првите знаци на општествена тежина се чувствуваат и во балканските земји, чии што економии не може долго изолирани да се справуваат со состојбите. Од наша страна, ние ќе направиме сѐ што можеме за да им помогнеме на овие луѓе кои имаат потреба, луѓе кои го бараат својот мир, својата надеж за безбедно патување, за безбеден и пристоен живот. Без разлики на економскиот и одржливиот аспект ние се трудиме да придонесеме за помош кон нив, надминувајќи и санкционирајќи одредени слабости во системот кој е поставен, но со силна посветеност да се придонесе во креирање на излезни позитивни решенија за овие лица согласно нивните потреби. Но, ние не можеме да го направиме тоа сами, рече Груевски.

Справувањето со овој проблем, додаде, претпоставува посилен ангажман на Европската Унија во соработка со балканските земји, која би била од значење за засилување на соработката на конкретни нивоа. На тој начин, од овој предизвик ќе се извлечат позитивни ефекти кои покрај помагање на лицата во несреќа, ќе значат и конкретно унапредување на стандардите во балканските земји, и имплементација на европските вредности и пристапи кај земјите аспиранти за членство. Низ соработка до решенија. И круцијално, единствениот начин да ја решиме бегалската криза е Европа итно да се сврти кон главната причина за нивното страдање – во случајов сирискиот конфликт. Постојните разлики околу решението мора да се стават настрана. Потребна ни е обединетост, заедничка позиција на Обединетите нации, на Советот за безбедност, како во примерот со позитивниот резултат со спогодбата за елиминација на хемиското оружје во Сирија, ситуацијата каде дипломатијата оствари силна победа, нагласи Груевски.

Ситуацијата на Блискиот Исток, посочи, останува сериозен проблем и се влоши се појавата на ИСИС и нивниот распространет терор во регионот. Оваа безбедносна закана, наведе Груевски, пред нас го постави предизвикот на странски борци, нови терористички закани, верска нетолеранција, насилен екстремизам, расна омраза.

– ИСИС не е закана само за Блискиот Исток, таа стана глобална закана на која никој од нас не е имун, а особено земјите од Југоисточна Европа каде што веќе ги имаме и првите отворени аспирации за поголема пенетрација на ИСИС, но и остварување на поголемо влијание кај населението заради регрутација, факти кои може да имаат сериозно влијание во нарушување на стабилноста на мултиетничките општества. Затоа, враќањето на мирот и стабилноста на Блискиот Исток, особено во Сирија и Ирак, е прашање од најголема важност. Позитивниот развој со договорот П5+1 со Иран за нуклеарната програма сигнализира дека другите прашања на Блискиот исток може успешно да бидат решени. Од друга страна, во меѓувреме е потребна конкретна демонстрација на политиката на превенција на конфликти, за која расправавме токму во ОН, и тоа токму во нашиот регион, рече Груевски.

Според него, со заеднички ангажман на ОН, колективните системи за безбедност, но пред се, преку соработка на безбедносните служби од регионот треба да се елиминира опасноста од радикализамот во кој било облик, ширењето на платформата на ИСИС, но и превенирање изолирани конфликти или обиди за дестабилизација во овој регион. Акциите за сузбивање на јадрата на оваа организација кои се спроведуваат во земјите од регионот се позитивен исчекор, но треба да се продолжи и со правилен пристап кон населението кое е цел на нивната идеолошка индоктринација преку едукација, давање на можности и социјална инклузија базирана на вредностите на ОН, посочи претседателот на македонската Влада.

Во обраќањето пред генералното Собрание на ОН Груевски порача и дека Република Македонија ќе продолжи да работи заедно со сите земји-членки на ОН за зацврстување на меѓународниот мир и безбедност, промовирајќи ги човековите права и постигнувајќи ги глобалните развојни цели.

Според Груевски, Обединетите нации успеаја во својата мисија и оваа организацијата ги реши или ги олесни и продолжува да го прави тоа, тешките ситуации и прашања кои никој од нас немаше да ги реши сам.

Македонскиот премиер посочи дека човековите права претставуваат еден од трите столбови на Обединетите нации засновани на Универзалната декларација за човековите права.  Нашите заедничките напори, порача, треба да бидат насочени кон зацврстување на системот за нивна гаранција, гледајќи ги и на индивидуално и преку колективното ниво (како на пример правото на именување кое е и индивидуално а преку тоа и колективно) и ние траба да ја дадеме целата наша поддршка кон напорите насочени кон тоа заштитата на човековите права да биде во сржта на стратегиите и оперативните активности на ОН.

Според Груевски, и за сегашноста и за иднината  потребно е ООН да продолжи да ја игра својата улога на глобален лидер, за добробитта на човештвото. Во тој контекст, наведе, охрабрувачки е што земјите-членки одлучија да му дадат поголема улога на Генералното собрание во претстојниот избор на следниот генерален секретар. Имајќи го предвид фактот дека ниту еден Генерален секретар досега не бил избран од источно-европската група, ние силно го поддржуваме барањето на нашата група во таа насока. Република Македонија останува посветен поддржувач на мултилатерализмот со ОН во неговата средина и верува во предностите што мултилатерализмот му ги носи на светот. Тоа останува главниот принцип на нашата надворешна политика, рече Груевски.

Претседателот на македонската Влада во обраќањето пред ГС на ОН порача и дека е потребна храбра промена во политиките и оти политиката на посветеност, соработка и мудрост кон решавањето проблеми треба да биде заедничка опција, и тоа преку проактивен пристап и максимален ангажман.