Колумни

Политики за економски развој

Политики за економски развој

Претходната недела бевме сведоци на првата голема политичка промоција на Жан Клод Јункер, новиот Претседател на Европската комисија, кој помпезно го најави новиот Европски фонд за стратешко инвестирање – неговата визија за развој на Европската економија во наредните три до шест години. Според таа најава овој фонд би имал на располагање околу 315 милијарди евра, но доколку се погледне неговата реална финансиска содржина јасно е дека содржината на фондот има само 21 милијарди евра директна помош од Унијата и нејзините членки. Очекувањата на  бирократите во Брисел била дека планираните средства од 21 милијарда евра ќе стимулираат дополнителни инвестиции (од националните влади и приватни инвестотори) кои перспективно би  предизвикале целокупните инвестиции како резултат на таквите политики на тој фонд да го достигнат износот од 315 милијарди евра.

Без да навлегуваме во деталите за модалитетите на финасирање на овој проект од страна Европската Комисија, ги издвојувам констатациите на угледното списание Економист, кој по објавувањето на наведените податоци г-дин Јункер го нарече “најголемиот европски алхемичар”, особено бидејќи именуваниот е убеден дека овој план, споен со пазарна дерегулација ќе ја зголеми ефективноста на претприемништвото и оттука ќе го реши еден од најгорливите проблеми кој постои во границите на Европската унија – проблемот на невработеноста, кое според истото списание е убедување засновано на волшебнички желби. Практично произлегува дека г-дин Јункер е убеден дека со неколку мерки ќе создаде мултипликација на пазарни ефекти, кои би можеле да ја препородат европската економија. Веќе првиот системски проблем е што самиот план предвидува отворање на околу 1.5 милиони работни места, додека во моментот во рамките на  границите на ЕУ бројот на невработените е над 25 милиони граѓани. Доколку одиме во натамошна анализа всушност ќе ја произведеме констатацијата дека суштинскиот проблем со планот на г-дин Јункер е неговата комплексност и оддалеченост од обичните граѓани. Тој истовремено е целосно зависен и од варијабили кои тој не може директно да ги контролира, односно институционалните инвеститори од кои има високи очекувања, при тоа заборавајќи ја нивната актуелна позиција, кога по настанатата светска финансиска и економска криза евидентна е нивната крајна  воздржаност во процесот на користење на пазарните механизми кои ги имаат на располагање.

Ниту Баросо беше, ниту Јункер ќе биде соодветен наследник на Романо Проди. Заради повеќе причини, вклучувајќи го и прашањето на поставената доверба на г-дин Јункер и Комисијата уште во текот на првиот месец од стапувањето на функцијата, неговиот мандат кај економските аналитичари и граѓаните на ЕУ предизвика доза на сомневање, разочараност и воздржаност. Истовремено како несоодветна би ја квалификувал и неговата неумешна изјава околу иднината на процесот на проширување уште пред почетокот на неговиот мандат, која предизвика задоволство кај евроскептиците, но и лавина на критики од страна на земјите кандидати и од оние кои политиката на проширувањето и понатаму ја сметаат за една од најуспешните политики на ЕУ. Дали г-дин Јункер полека, но сигурно  не започнува да ја губи и Европа во целина. Тој како да ги заборава научените лекции од светлите периоди на европската приказна, токму во времето на     г-дин Проди, а која упатува на заклучокот дека успешноста на било која композитна политика,  се оценува согласно нејзината целисходност за секојдневниот граѓанин. Политиките не треба и не смеат да бидат апстрактна и невидлива категорија.

Кога станува збор за применливите политики за економски развој, би можеле да кажеме дека  нашата земја е добар практичен пример, како од гледна страна на нивната иновативност, така и од перспектива на нивната ефективност во создавањето на нови работни места, нивната атрактивност во поглед на привлекувањето на странски инвестиции, засилувањето на претприемништвото и отворените можности за промоција на Република Македонија и надвор од нејзините границите. Предизвиците коишто произлегоа од европската криза Владата на Република Македонија ги дочека со стимулативни политики кои не само што делуваа превентивно туку дадоа и практични позитивни резултати, а кои верувам ќе бидат соодветен предизвик за понатамошни анализи од страна на  многумина  економски аналитичари и истражувачи.

Во овој момент во нашата земја се случува сериозна градежна експанзија, која во најголем дел е насочена кон подобрувањето на целокупната инфраструктурата (посебно патната и железничка мрежа), која политика се очекува значително да придонесе кон развојот на дел од географски неразвиените подрачја, кои во претходниот период од неколку децении беа целосно запоставени. Истовремено, вложените огромни напори во правец на привлекување на странски директни инвестиции даваат маркантни резултати, влијаат кон зголемувањето на Бруто домашниот производ, го зголемуваат нашиот извоз во странство, го намалуваат процентот на невработеност,  ги задржуваат младите и образовани кадри во земјата и го подобруваат генералниот имиџ на  земјата. Од гледна точка на наведената перспектива, меѓу таргет групите на оваа развојна политика не се наоѓаат само големите корпорации и потребата од привлекување на нивниот крупен капитал. Имено, во Република Македонија веќе подолг временски период активно се спроведуваат и повеќе активни мерки за стимулирање на иновациите кај малите и средните претпријатија,  како и внесување на посебни мерки за вработување на млади лица – под 29 години возраст.

Наведените мерки, заедно со стабилната макро економска и монетарна политика, ниската инфлација,  нискиот јавен и надворешен долг, умерен буџетски дефицит, засилен раст на БДП и индустриското производство се факти кои во моментот се ретко виден перформанс дури во поголемиот дел од развиените европски држави.

Барем засега основниот проблем на г-дин Јункер е што не успева да ги убеди европските граѓани дека планираниот процес на европски развој ќе биде целосно упатен кон остварување на просперитетна, единствена, цела и мирна Европа. Унијата за многу од нејзините жители останува да биде апстрактна категорија, и оттука произлегува и опасноста и реалната можност за понатамошен раст на евро-скептицизмот. Успешно опстојуваат и едноставно се имплементираат само оние политики на оддржлив развој кои се во интерес на потребите на граѓаните, а не кои се базирани на неостварени ветувања, силни имагинации, големи наслови и нереализирани огромни суми на средства.

Авторот е докторант и соработник на Правниот факултет ,,Јустинијан Први” во Скопје