Полјаците се колнат во Левандовски, Сенегал очекува голови од Мане

Вистинска фудбалска посластица следува денеска на Светското првенство во Русија во натпреварот меѓу Полска и Сенегал во групата Х, а во фокусот се двајца извонредни напаѓачи. Полска предводена од Роберт Левандовски, фудбалер на „Баерн Минхен“, вистинска машина за голови, а од друга страна ќе застане Садио Мане, напаѓачот на „Ливерпул“, кој имаше фантастична сезона во „Редсите“ за кои постигна гол во финалето на Лигата на шампиони.

Бројките говорат доволно во прилог на едниот и другиот, особено во корист на Левандовски, кој за својата репрезентација одиграл 95 натпревари, постигнувајќи 55 гола. Во квалификациите за Русија на десет меча посигна 16 гола.

Полскиот народ секогаш верува, но, исто така и многу  очекува од нас – вели Левандовски, кој за себе смета дека се чуствува одлично и е помалку уморен отколку што беше пред Европското првенство 2016 година кога Полска се пласираше во четврт-финалето.

Мане  на другата страна е главната ѕвезда на Сенегал, а пред неколку дена рече дека зборот „притисок“ во неговиот речник не постои. За сенегалските лавови има 51 настап со 14 гола, а сезонава во Премиер Лигата постигна десет гола и седум асистенции за „Ливерпул“.

Верувам дека Садио Мане може да биде една од ѕвездите на ова првенство, вели Ел Хаџи Диуф, еден од репрезентативците на Сенегал на дебито на мундијалите на  СП 2002 година, кое на Сенегалците им беше единствениот мундијалски настап до ова првенство.

Калиду Кулибали, штоперот на „Наполи“, кој ќе се сретне со својот колега Зиелински, смета дека мора да ја одиграат својата игра.

Ние веќе направивме голем успех со самиот настап на Мундијалот, а сега тоа можеме да го кренеме на повисоко ниво. Важно е да се држиме до нашиот африкански стил на игра, рече Кулибали.

За Полска ќе настапат Шчешни, Пишчек, Беднарек, Паздан, Рибус, Кричовиак, Линети, Блажиковски, Гросицки, Зиелински и Левандовски, а за Сенегал треба да настапат К. Ндиаје, Вагуе, Кулибали, Сане, Сабали, Гуеје, Кујате, А.Ндиаје, Балде, Мане, Нианг.

Натпреварот почнува во 17 часот.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.