Полошките градоначалници бараат да се повтори постапката за избор на концесионер

Денес, министерот за животна средина и просторно планирање Нурхан Изаири, во просториите на општина Тетово присуствуваше на работна средба на советот на градоначалници на Полошкиот плански регион каде се разговараше за постапката за доделување на концесија по пат на јавно приватно партнерство за изградба на регионална депонија.

На состанокот градоначалниците донесоа одлука да се препорача на комисијата за спроведување на тендерска постапка да се прекине постапката поради претходно воочени голем број на недоследности. Согласно процедурата, потоа комисијата треба да достави информација до Владата на РМ за прекинување на постапката.

На состанокот беше договорено во наредниот период да се одржи нова средба на градоначалниците, каде ќе се разговара на кој начин ќе се продолжи постапката за решавање на проблемот со депонирање на отпадот во регионот.