Половина милијарда евра директни странски инвестиции во Србија

Гувернерот на Народната банка на Србија, Јоргованка Табаковиќ, рече дека за првите пет месеци од оваа година, приливот на странски директни инвестиции во Србија изнесуваше половина милијарда евра и се очекува до крајот на годината тие да стигнат до проектираните една милијарда евра.

„Проекцијата на странски директни инвестиции од околу една милијарда евра за во 2014 година, е реална, бидејќи е изградена на инвестиции, кои беа почнати и договорени врз основа на меѓународни договори”, рече Табаковиќ за белградското списание „Бизнис”.

Таа истакна дека отворањето на преговорите за членство на Србија во ЕУ, зголемувањето на макроекономската стабилност и спроведувањето на економските реформи, позитивно ќе влијае врз приливот на странски инвестиции во иднина.

Табаковиќ смета дека на Србија и’ треба аранжман со Меѓународниот монетарен фонд само заради неопходна претпазливост, не стенд-бај аранжман, што би значело дополнителни задолжување, бидејќи има високо ниво на девизни резерви.

„Очекувам дека владата ќе остане посветена на спроведувањето на фискалната консолидација и структурните реформи што ќе резултира со склучување аранжман, од претпазливост, со ММФ, кој ќе биде дополнителна гаранција за инвеститорите дека Србија спроведува одговорна и одржлива економска политика”, рече Табаковиќ.