Половина милион луѓе во Барселона порачаа „Не се плашам“

Под паролата „Не се плашам“ околу 500 илјади луѓе, според процените на полицијата, им одадоа во саботата на улиците на каталонската престолнина Барселона почест на жртвите на двата неодамнешни терористички напада и изразија противење на тероризмот и насилството, а меѓу нив беше и шпанскиот крал Фелипе Шести.

Собирот го организираа градските власти на Барселона и регионалната влада на Каталонија девет дена по убиството на 15 луѓе во Барселона и Камбирлс. Од последиците во нападите со комбе, автомобил и студено оружје во болниците уште се наоѓаат 23 луѓе.

На чело на поворката одеа полицајци, лекари, пожарникари и друг персонал кој им помагаше на настраданите, додека зад нив чекореа шпанскиот крал Фелипе Шести, шпанскиот премиер МАријано Рахој, каталонскиот претседател Карлес Пуждемон и други политичари.

Илјадници црвени, бели и жолти рози, кои се водено и боите на Барселона, беа подигнати во воздух и оставени во чест на загинатите. Низ градот на брегот на Средоземното Море одекнуваше извикот „Не се плашам“ и се виореа каталонските и шпанските знамиња.

„Вашите војни се нашите мртви“, се истакнуваше на некои од пораките на граѓаните.

„Сакаме да отвориме дебата којашто ја нема во официјалните говори“, изјави едно момче со таква порака алудирајќи на учеството на Шпанија во борбата против џихадистичката групација Исламска држава во Ирак, а којашто ја презема одговорноста за нападите во Каталонија.

Исламската држава во четвртокот се закани со нови напади доколку Шпанија не се повлече од меѓународната коалиција предводена од САД. Неколку стотини шпански војници во Ирак ги обучуваат ирачките војници во борбата против оваа терористичка групација, а шпанскиот министер за надворешни работи најави уште поголем ангажман на неговата земја по нападите во Каталонија.

 

Собирот искористе нза прашањето на независноста на Каталонија

„Полни сме со емоции, како и целиот народ“, изјави еден пожарникар кому му беше дадена црвена роза. Граѓаните им ракоплескаа додека на политичарите од Мадрид им упатија свирежи.

Поборниците на независноста на североисточната покраина Каталонија го искористија собирот за да му испратат на официјален Мадрид порака во пресрет на референдумот најавен за 1 октомври. Шпанскиот Уставен суд го смета овој референдум за незаконски, а владата во Мадрид од порано порача дек плебисцитот нема да се одржи и оти тој според Уставот може да се одржи на целата територија на Шпанија.

Се слушаа свирежи за премиерот Рахој и кралот Фелипе Шести додека им подаваат рака на полицајците и медицинскиот персонал.

„Не е во ред што некои ова го искористија во политички цели. Тоа е грдо“, изјави Алберт Ривера, претседател на центристичката партија Граѓани која ја поддржува целоста на Шпанија и се противи на референдумот. Роден во Барселона, Ривера изјави дека терористите на градот му задале болен удар. „Нападот се случи на Ла Рамлба, во срцето на градот, тешко сме погодени“, изјави.

Ова беше првпат шпанскиот крал да учествува во поворка со народот иако Фелипе Шести, тогаш како принц, учествуваше во уличната поворка во Мадрид кога во бомбашките напади врз подземната железница од септември 2004 година беа убиени 192 лица. Шпанија по тој напад го прекина сојузништвото во инвазијата на Ирак.

„Ставањето на разликите настрана нѐ прави големи“, порача премиерот Рахој истакнувајќи дека е важно единството на народот во ваквите моменти.

 

Во поворката и сестрата на двајцата осомничени атентатора

Меѓу учесниците во маршот имаше и муслимани, а можеа да се забележат и пораките „Не за исламофобијата“. Каталонскиот премиер Пуждемон изјави „Ова е фотографија на деценијата, Таа зборува самата за себе“.

Меѓи народот беше и сестрата на 17-годишниот Муса и на 28-годишниот Дрис Оукабир. Првиот брат полицијата го уби по нападот во Камбрилс, а вториот е во притвор во близина на Мадрид осомничен дека го изнајмил комбето со коешто беа прегазени минувачите на шеталиштето Ла Рамбла во Барселона.

„Младите да ја чувствуваат Каталонија како своја земја и нека бидат способни да ги отфрлат радикалните пораки. Мораме да бидеме самокритични и да промениме многу нешта“, изјави сестрата на двајцата браќа од нападите.

Градоначалничката на Барселона, Ада Коласу, уверена де дека Барселона ќе закрепне, и оти соживотот е можен. „Атентат, како овој, ги обележува градот, земјата и луѓето. Но една работа е кога ќе остане рана, а друга кога ќе остане лузна“, заклучи.

 

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.