Половина поканети шефови на држави ја бојкотираа инаугурацијата на Тачи

Реџеп Таип Ердоган, Филип Вујановиќ, Томислав Николиќ, Ѓорге Иванов, се само неколку од шефовите на држави кои ја бојкотираа церемонијата на инаугурација на Хашим Тачи за претседател, пишува весникот „Експрес“.

На плоштадот „Скендербег“ беа само двајца негови колеги, хрватската претседателка Колинда Грабар-Китаровиќ и албанскиот претседател Бујар Нишани.

– Од повеќе од илјада поканети, пола од гостите не дојдоа. Она што падна во очи е неприсуството на многу претседатели на инаугурацијата. Тука не беше ни турскиот претседател Ердоган иако порано изјави дека Косово е Турција, пишува он лајн изданието на весникот „Експрес“.

На плоштадот, не можеа да се видат ниту претседателите на Македонија, Црна Гора и на Србија. Беа само претседателите на Хрватска и на Албанија. Ги немаше ни претседателите на западните земји, додека од САД присуствуваше само заменик помошник државниот секертар Хојт Брајан Ји.

Во меѓувреме Движењето „Самоопределување“ се јави со оценка дека „попусто биле потрошени милион евра за инаугурацијата на Тачи бидејќи се потврди дека тој нема меѓународна поддршка“.

– Милион евра од граѓаните се потрошени попусто за цермонијата која потврди дека новиот претседател на државата не ужива меѓународна поддршка, што се гледа од нивото на претставници на држави кои ја признале незвисноста на Косово, го пренесе ставот на Движењето пратеникот Илир Деда.