Положено цвеќе за почит на жртвите од катастрофалниот земјотрес

На Градските гробишта во Бутел, официјални делегации и претставници на институции положија цвеќе пред споменикот на жртвите од катастрофалниот земјотрес што во 1963 година го разори Скопје. Делегацијата од Град Скопје ја предводеше градоначалникот Коце Трајановски.

11111

Цвеќе во спомен на жртвите во катастрофалниот земјотрес положија и официјална делегација на Собранието на РМ предводена од потпретседателот на собранието, Антонио Милошоски, делегација од Кабинетот на Претседателот Иванов, тричлена делегација од Министерството за одбрана, предводена од министерот за одбрана Зоран Јолевски, од Министерството за внатрешни работи, предводена од министерката Гордана Јанкуловска, Министерството за образование, Министерството за правда, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Министерството за транспорт и врски, предводена од министерот Миле Јанакиески, Министерството за животна средина и просторно планирање, делегации од политичките партии, делегации од сите општини на Град Скопје, Амбасадорот на Словенија во земјава, Бранко Раковец, Амбасадата на Франција во Македонија, претставник од турската Амбасада во нашата земја како и претставници од амбасадата на Кина. Цвеќе положија и делегации на јавните претпријатија и културните установи на Град Скопје и членовите на Црвениот  крст, како и припадници на други јавни институции од земјава оддавајќи им почит на жртвите во катастрофалниот земјотрес во далечната 1963 година.

Во Дневниот центар за дарување крв на Црвениот крст на град Скопје, што се наоѓа во ДХО „Даре Џамбаз“, во тек е традиционалната крводарителска акција во организација  на Црвениот крст на град Скопје.

Вечер, во Музејот на град Скопје, во 19 часот, ќе се одржи литературно читање насловено како „Поетесите за својот град“. Во 20:30 часот, во Салонот на МГС ќе биде отворена изложбата на фотографии „Скопје ‘63 – филмска хроника на едно време“. Проекција на еден од најнаградуваните документарни филмови „Скопје ‘63“ на режисерот Вељко Булајиќ е закажана за во 21 часот во Музејот на град Скопје, со што ќе биде одбележана 51 годишнината од катастрофалниот земјотрес.