Полска дава 2 милијарди долари за постојана воена база на САД на нејзина територија

Варшава сака заштита од САД од можни напади на Русија и за тоа е подготвена да плати и две милијарди долари, се наведува во предлогот на министерството за одбрана на Полска. Според овој предлог, Варшава е подготвена да и понуди пари на Америка за постојана американска воена база на полската територија.

Овој предлог покажува очигледна и недвосмислена потреба за постојано распоредување на американската воена дивизија во Полска. Обврска на Полска е да обезбеди значителна поддршка која би можеле да достигне од 1,5 до 2 милијарди долари, преку изградба на заеднички воени објекти и осигурување на полесно преместување на американските сили, се вели во документот, а пренесува бриселскиот портал „Политико“.

Желбата на Варшава за „американската чизма“ на своја територија датира од влезот на Полска во НАТО во 1999 година, но сега е дополнително зајакната поради анексијата на Русија на Крим пред четири години и агресивниот став кон Алијансата. Полската иницијатива доаѓа само еден месец пред лидерите на НАТО да се соберат на самитот во Брисел .

Според „Политико“ ова сигурно ќе ја вознемири Русија, а европските сојузници кои сакаат да ги подобрат односите со Москва, како што се Италија, а понекогаш и Германија, ќе бидат скептични за барањето. Полска во моментов е домаќин на американските вооружени сили и единиците на НАТО стационирани во таа земја на ротирачка основа.

Администрацијата на претседателот на САД, Доналд Трамп ги притиска сојузниците од НАТО да ги зголемат своите буџети за одбрана до 2 проценти од БДП, како што сугерира сојузот. Полска е на ниво од 2 отсто или повеќе од 2015 година.
Канцеларијата за медиуми на Министерството за одбрана на Полска потврди дека работниот документ со наслов „Предлог за постојано присуство на САД во Полска“ на 2018 е веродостоен и рече дека тој не е класифициран како „доверливо“.

Документот содржи информации за предложената локација на воени бази, болници- вклучувајќи ги и нивниот капацитет – и можно училиште, па дури и фитнес сали за семејствата на персоналот на воените бази. Овој предлог беше испратен до Белата куќа и Конгресот на САД.

Министерството за одбрана потврди дека предлогот е испратен во Вашингтон, пред воопшто да се консултирале со министерството за надворешни работи, и најважно, без знаење на претседателот Анджеј Дуда, кој во исто време е главен командант на полската армија.

 Во документот не се бара детален договор со министерството за надворешни работи – се вели во соопштението на министерството за одбрана.

Дуда излезе од владејачката партија на десницата „Право и правда“, но понекогаш и се спротиставува во врска со внатрешните политички прашања, како што е реформата на судството.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.